Македонија

Дарко Лешоски: Се повлекувам од СВП – Јавното мислење го доби своето влијание!

Се откажувам од претседателствувањето со УО на Струшките вечери на поезијата, но сум отворен за секаква помош кон враќањето на некогашната слава на оваа манифестација, соопшти во разговор за Дојче веле, поетот Лешоски.

Роден e во Струга на неколку стотини метри од мостот на поезијата, израсна во „државата Вевчани“, а прерасна во најчитаниот македонски поет на социјалната мрежа Фејсбук. Струшките вечери на поезијата никогаш досега не беа толку силно во фокусот на јавноста, како по неговото именување за претседател на Управниот одбор на оваа поетска манифестација. Главната критика се движеше најчесто по една линија: дораснат ли е за оваа функција, според годините и искуството? Дарко Лешоски внимателно и со респект ги ислуша сите критики – и добронамерните и злонамерните, и аргументираните и паушалните, и во разговор за Дојче веле ја соопшти неговата одлука.

„Ги слушнав сите мислења и сите ги почитувам. Се повлекувам и се откажувам од претседателствувањето со Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Се заблагодарувам на укажаната доверба и останувам посветен на мојот примарен ангажман во Сервисот за односи со јавност на Владата. Нека биде ова почеток на една поинаква демократска практика.“

ДВ: Каква порака испраќате со оваа одлука?

Дарко Лешоски: Четврти јули бил некогаш „Денот на борецот“. По некоја случајност тоа е датум на моето раѓање. Слободата е најскапа, а онаа на говорот – нејзина додадена вредност! Искрено се заблагодарувам, пред сѐ, на укажаната чест, а потем и на сите искрени надежи, но и критики. Сметам дека дел од нив се издржани.

ДВ: Имаше ли издржаност во критиките дека со вашите 33 години сте премлад за да бидете претседател на УО на поетска манифестација, во држава која досега „израсна“ и премиери и министри помлади од 30 години? 

Дел од тие критики беа навистина конфузни – дека сум „поет собран од детска градинка“, но и дека младоста и староста се навистина неважни за квалитетите на една поезија, дарба, компетентност и личност. Нејсе, јас подеднакво ги вреднувам сите мислења, и дел од издржаните критики ќе бидат само една идна насока за моето подобрување. Јавното мислење го доби своето влијание.

Повеќе на Дојче веле

Поврзани вести

Back to top button