Дали новиот закон ќе го забрза доселувањето на Македонците во Германија?
Новиот закон за доселување нема да ги надмине бирократските пречки за доаѓање на квалификувана работна сила во Германија, прогнозира експертот Мариус Толенере од адвокатската канцеларија специјализирана за економски миграции Фрагомен Глобал.
Според германското Министерство за внатрешни работи, цел на предлог законот е да се олесни и забрза приливот на странски квалификувани работници во земјата, но и да се направи потранспарентен целиот процес.
Според Толенере, во моментов секој заинтересиран работник чека во просек меѓу 12 и 16 недели за да добие работна виза за Германија. Тој не очекува дека процедурата ќе биде забрзана со новиот закон. Камен на сопнување остануваат капацитетите на властите како и комплицираните постапки за признавање на странските дипломи во Германија. Новиот закон нема да ги отстрани овие пречки.
Експертот вели дека вистински чекор за забрзување на постапката би било воведувањето на електронска постапка за пренос на документи, но такво нешто не се предвидува со новото решение. Тоа пак им создава проблеми и на дипломатските претставништва на Германија во странство. Во амбасадата во Белград, на пример, за работна виза се чека меѓу 6 и 10 месеци.
Постапката останува иста
Германија веќе усвои посебни правила за доселување на работна сила од земјите на Западниот Балкан, меѓу нив и за Македонија. Според нив, секој жител на овие држави може да поднесе барање за работна виза доколку претходно обезбеди работно место во Германија, без оглед на завршеното образование и квалификациите.
Во германската амбасада во Скопје процедурата за добивање работна виза, во просек, е најкуса и најбрза во целиот регион.
Serbien Deutsches Arbeitsvisum (DW/S. Kljajic)Експертите прогнозираат дека новиот закон нема да ја забрза постапката за добивање работна виза
Во текот на изминатите пет години, од Македонија виза за работа во Германија добиле над 8 илјади луѓе. Бројот на издадени визи за работа во 2013 година изнесувал само 556, а веќе во 2017 тој се зголемил на 4.415. На ниво на регионот, во последните три години во Германија се доселиле околу 80 илјади луѓе кои успеале да обезбедат работно место.
Според мислењето на експертите, новиот закон нема многу да промени во однос на траењето на постапката за добивање работна виза, ниту подраматично ќе го зголеми бројот на барања.
Позитивно во новиот предлог-закон е што се отстранува една клучна регулатива која важи во моментов: дека луѓето надвор од ЕУ може да добијат работа само ако нема некој Германец или граѓанин на ЕУ којшто би го пополнил тоа место. И не само тоа. Новата регулатива нема да биде лимитирана на сектори во кои е утврден акутен недостиг на работна сила. Во суштина ова значи дека секој со признаена квалификација и договор за работа може да се пресели да работи во Германија.
Предлог законот исто така содржи и одредби со кои им се дозволува на квалификуваните работници да се преселат во Германија на шест месеци за да бараат работа или да работат како „фриленсери“, сѐ додека можат сами да си ги подмират трошоците за живот и секако – задолжително да зборуваат германски.
извор: ДВ