Беким Незири уште во 2010 година натепал инструктор бидејќи не сакал да му потпише дека поминал обука за контролор
Ексминистерот за економија Беким Незири, сега вработен во М-НАВ, кој вчера заедно со 8 членови на ДУИ од Чаир упаднале во институцијата и нападнале вработени во радарската соба каде што е сместена обласната Контрола на летање и каде што се водат прелетите, во 2010 година исто така натепал контролор на летање. Имено, Незири тогаш беше член на Управниот одбор на М-НАВ и еден од тројцата директори, а нападнал контролор на летање кој како инструктор не сакал да му потпише дека поминал обука за контролор. Незири го удрил и го турнал по скали инструкторот. Потоа, до Управниот одбор поднел предлог инструкторот да биде разрешен. Снимките за нападот врз инструкторот биле избришани, ПИШУВА СДК.МК.
Како што објави весникот „Вест“ на 23 февруари 2010, тогашниот претседател на Управниот одбор на М-НАВ Живко Поповски изјави дека на седницата разговарале за предлогот на Незири да биде разрешен инструкторот.
„Јас се спротивставив, со забелешка дека тоа е добар работник, на што Незири ми рече дека тој одлучувал за ‘неговите’. Му реков дека безбедноста на летањето е неделива, нема ‘наши’ и ‘ваши’. Продолжението го знаете, ме плисна со вода“, изјави тогаш Поповски, а Незири негираше дека го плиснал со вода.
Сепак, контролорот е избркан од работа, формално врз основа на тоа дека пет дена неоправдано отсуствувал од работа, а всушност Незири електронски му го избришал боледувањето додека овој се опоравувал од тепањето. Контролорот потоа тужел на суд и го добил процесот, а откако и неговата сопруга била избркана од работа во Клиничкиот центар, тие се преселиле во една скандинавска земја каде што тој и сега работи во Контрола на летање, ПРЕНЕСУВА СДК.МК.
Нападот и бркањето од работа на контролорот тогаш не доби медиумско внимание, оти како што вели еден вработен во М-НАВ во тоа време, „тогаш беше на власт ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со ДУИ, па синдикатот немаше пристап до медиуми, а и не смееше да зборува јавно“. Во времето на Владата на Груевски од Контролата на летање беа избркани уште неколку контролори, на барање баш на Незири затоа што давале изјави во јавноста, а ВМРО-ДПМНЕ ги пушташе низ вода за да не се распадне владината коалиција.
Името на Незири, се споменуваше и како директор на Фондот за пензиско за проневера на 19 милиони евра. Тогашната минстерка за труд и социјална Мила Царовска се закани и со кривична пријава која никогаш не беше процесуирана.