„Астрономски центар“ крај Прилеп (ФОТО)
Паралелната база за заштита на податоци на Министерството за внатрешни работи крај Прилеп е еден од најспектакуларните објекти изградени во Македонија последниве децении. Во овој кружен бетонски објект, кој има посебно јадро во средината, треба да се чуваат информативните бази на МВР. Во голема мрежа на моќни компјутери во иднина ќе се чуваат податоците на МВР за да бидат заштитени од природни катастрофи како земјотреси, на пример, или од терористички напади. Во прилогот на Телма објавен денеска се вели дека кога основниот информатички систем ќе падне, тогаш државата ќе продолжи да функционира преку резервната база крај Прилеп. Ова чудесно здание кое наликува на астрономски центар е финансирано од ЕУ преку ИПА фондовите, а локацијата е избрана затоа што е во центарот на државата и бидејќи е на поголема надморска висина и каде што нема водотеци е обезбедена од поплави.
Специјализираната страница за архитектура од Србија gradnja.rs објави поширок приказ за „чудото“ што е изградено крај Прилеп за да ги одбележи новите архитектонски дострели. Центарот е исграден според проектот на 1X2STUDIO на чело со архитектот Зоран Абадиќ. Ова студио, според неговиот профил на Линкедин, последниве осум години работи на програмата насловена како „Подобрување на испораката на правдата во Србија“ за изградба и реконструкција на повеќе судски објекти кај нашиот сосед. Но тоа учествува и на меѓународни конкурси за промовирање на идеи што се од важност за општествата. Изградбата на овој бетонски прстен со јадро крај Прилеп е една од тие идеи.
Што напиша gradnja.rs за изградбата и значењето на овој објект.
„Организациски, зградата, која е на 2,5 километри од центарот на Прилеп, е функционално поделена на два дела, кружен прстен за сместување на техничка опрема и инсталации и просторија за централно јадро на серверот за сместување на 120 рек единици. Кружниот прстен е исполнет со простории за машински и инсталации (простории за гас и хвац), електрични и телекомуникациски инсталации, вклучувајќи ја и просторијата на давателот на услуги. Остатокот од просторот во објектот е за сместување на вработени (мрежни техничари, оператори, безбедност) кои гарантираат центар за податоци со полно работно време 24 часа на ден, 7 дена во неделата.
Сервер собата е дизајнирана како соба во соба и обезбедува највисоко ниво на физичка заштита, а со тоа спречува и ризици. Вградените системи обезбедуваат сеопфатна заштита и како таква, мултифункционална безбедност на резервни и серверски системи, мрежни компјутери и комуникациски системи. Структурата на серверот е дизајнирана во согласност со стандардите TIA-942 и EN 1047-2: 2009. Неговата големина, односно капацитетот од 60 рекови во првата фаза, а предвидени се дополнителни 60 рекови за втората фаза. Силата на една рек е 7,2 kW.
Основната конструкција на зградата се состои од двојна бетонска конструкција на масивни армирано-бетонски sидови кои се исполнети со високо ефикасен изолациски материјал заради највисок степен на заштита од пожари. Сите елементи на зградата, sидовите, таваните и покривот не содржат никаков отвор“.
Во фактографијата за објектот стои дека тој е на површина од 1.307 квадратни метри, дека го финансира Европската унија, дека автор на проектот е неговото проектирање започнало во 2016 и завршило во 2017 година, дека изградбата траела една година и била завршена во мај 2019 година. Проектант била фирмата Safege од Брисел, а главниот проект го извел „Мегарон инженеринг“ од Скопје. Изведувач на работите била компанијата 4A-M Sh.p.k. од Тирана, Албанија, а стручниот надзор бил на Suez и Safege од Белгија. (Н.В.)