Апасиев: Шверцувањето на двојазичноста и „џебното вето“ на Претседателот
Ако се држиме само до правните аспекти на носењето на Законот за употреба на јазиците, недозволиво и правно невозможно е со т.н. обичен закон да се уредува правна материја за чие регулирање e потребно минимум квалификувано мнозинство гласови по сила на устав, претседателот на Собранието има само два избора: или пратениците ќе мора да ги разгледуваат 35.000 амандмани или законот ќе мора да падне во заборав, додека пак претседателот на државата ќе има право да се повика на т.н. џебно вето.
Претседателот може да употреби и т.н. џебно вето
Интересен е фактот дека правото на вето на шефот на државата е регулирано во уставниот оддел посветен на Собранието на РМ [член 75], а не како што би се очекувало во одделот посветен на Претседателот на РМ – што несомнено ја потврдува констатацијата дека ветото има легислативна функција и е дел од законодавната постапка. Со други зборови, промулгацијата (лат. promulgatio = „обнародување“, т.е. потпишување на указот за прогласување на законот) претставува претфинален чин при донесувањето на законите, кој ѝ претходи на „публикацијата“ (publicatio), односно на конечното обзнанување/објавување на законот во Службен весник. Или, поинаку кажано, ако нема указ – нема ни закон! Оти законот се смета за дефинитивно донесен единствено кога претседателот на Републиката, своерачно, ќе го потпише указот за негово прогласување. Тогаш и само тогаш, конкретниот закон, кој претходно бил изгласан, може да биде објавен, а подоцна и да влезе во сила (urbi et orbi). Значи, без указот – кој, всушност, има конститутивно дејство на пораѓање на законот – законот сè уште го нема: тој не постои и, следствено, не ни може да произведе никакво правно дејство.
Во досегашната уставно-правна историја на независна Македонија, не постои ниту еден единствен случај закон да биде објавен и да почне да се применува без потпис од шефот на државата! Досегашните четворица претседатели на Републиката го употребувале правото на суспензивно ветово повеќе ситуации:
(а) првиот претседател Киро Глигоров, во првиот свој мандат го нема употребено правото на вето; додека, пак, во текот на неговиот втор мандат го има употребено вкупно четири пати [два пати во 1997 и по еднаш во 1998 и во 1999 год.];
(б) вториот претседател Борис Трајковски, за време на својот мандат, правото на вето го има употребено вкупно шест пати [еднаш во 2001 и пет пати во 2003 год.];
(в) третиот претседател Бранко Црвенковски е рекордер во користењето на ова право, бидејќи во единствениот свој мандат го има употребено дури десет пати [еднаш во 2005, два пати во 2006 и седум пати во 2008 год.]! Да потсетиме дека претседателот Црвенковски стави вето на претходниот Закон за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Македонија и во единиците на локалната самоуправа (4.08.2008) – кој беше далеку побениген и понеопасен во споредба со овој најнов октроиран лингвистички закон; и, конечно,
(г) последниот, четврти македонски претседател Ѓорѓе Иванов беше единствениот кој во своите два мандата воопшто го немаше употребено ова негово уставно право, а да не беше спорниов Закон за јазици [2018] прашање е дали воопшто и ќе го употребеше.
Во еден хипотетички случај на владина инструментализација на Собранието на РМ и носење на Законот за јазиците „прекутрупа“, односно со флагрантно кршење на процедурата, претседателот на Републиката – поставувајќи се како своевиден „татко на нацијата“ и чувар на институционалниот баланс меѓу централните органи на власта – ќе има право да се повика на досегашните уставноправни преседани на употреба на она што, во конституционата теорија, е познато под називот џебно вето или т.н. „вето во фиока“.
Имено, за разлика од суспензивното вето – кое само привремено ја одолговлекува законодавната постапка – џебното вето, употребено во крајна нужда, може целосно да го блокира донесувањето на законот и de facto да го закочи законодавниот процес! Тоа е можна ситуација во мешовитите парламентарни системи, каков што е и нашиот, кога Претседателот, како инокосен извршен орган чиј легитимитет – исто како и оној на Собранието – е добиен на непосредни избори и извира директно од народот, ќе одлучи и по втор пат да не го потпише указот за законот, иако на тоа го обврзува Уставот [чл. 75, ст.3]. Впрочем, ако ги споредиме апсолутните бројки, ќе видиме дека легитимитетот на актуелниов претседател е дури и поголем од оној на моменталната владејачка коалиција: 534.919 избирачи кои гласале за Иванов, наспроти 436.981 освоени гласови на СДСМ и 86.796 гласови на ДУИ.
Општествениот интерес е секогаш пред партискиот
Да појасниме: во случајов на нашиот Устав на РМ (1991), станува збор за она што, уште од Римското право, во јуристичката теорија е познато како т.н. несовршен закон (lex imperfecta), односно правна норма која: прво – не содржи никаква санкција во случај на непочитување на оваа уставна должност; и второ – нема предвидено никаков прецизен уставен рок во кој претседателот е должен да го потпише законот со кој не се согласува.
За разлика од суспензивното вето ставено по прв пат, кога претседателот вообичаено го известува Собранието за причините поради кои не го потпишува указот – иако на тоа не е изрично обврзан; во случајот на џебното вето, ставено по втор пат на еден ист закон, претседателот вообичаено молчи и на тој начин „молчејќи зборува“, односно го чува законот во фиока и тој не може воопшто да се објави. Ова свесно кршење на Уставот има своја јуснатуралистичка, односно природно-правна позадина и се оправдува со постигнување на некоја благородна и повозвишена цел – заштита на поширокиот општествен интерес (utilitas publica). Тука, всушност, претседателот ризикува да биде прозван со импичмент, т.е. повикан на одговорност за кршење на уставот и законите [по чл. 87 од УРМ], но истовремено – дури и по цена да ја изгуби функцијата – етички доследно сака да ја алармира јавноста за непропорционалноста и штетноста од донесувањето на конкретниот закон. Гледано компаративно-правно, во суштина, станува збор за вистинско витештво во борбата за добри и уставни закони и за маневар кон анимирање на јавноста, со цел вршење притисок врз законодавецот – тој, во иднина, да не се однесува арбитрарно, неодговорно и противуставно.
Оваа наша уставна празнина досега беше [зло]употребена во два наврата: прв пат во 1997 – кога претседателот Глигоров одби да го потпише Законот за кривична постапка, иако истиот се носи со двотретинско мнозинство гласови; и втор пат во 2001 – кога претседателот Трајковски два пати одби да го потпише неморалниот и екстремно привилегирачки Закон за пратеници, кој потоа не влезе во сила! Оттука, бидејќи веќе има воспоставено прецедентно право (англ. Case law) за оваа сложена уставнoправна материја, не би постоеле правни пречки таа – во конкретиов случај на противуставниот Закон за употреба на јазиците – in flagrante да може да се употреби и по трет пат, особено што тоа ќе биде во име на јавната полза и заштита на општиот интерес на граѓаните и на АСНОМскиот и унитарен карактер на Републиката.
доц. д-р Димитар Апасиев
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.