Антикорупциска: Судија Ељведин Ферати од Основен суд Тетово сам си ги поправал оценките со пречкртување
Актуелен судија во Тетово иако на тетовскиот правен Факултет завршил со просек 7,88, што е под потребниот минимум за запишување на Академијата, се запишал со просек 8,20. Тој си ги поправал оценките и дал лажен податок за постигнат успех на студии, за да се запише на Академијата за судии и обвинители, соопшти Антикорупциска комисија.
Случајот е откриен откако по барање на ДКСК, Просветниот инспекторат ги проверил сите правни факултети во државата за работа меѓу 2008-ма и 2012-та година.
– Оценките биле пречкртани и поправени во повисоки, а притоа немало ни барања за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување на трите испита. Државниот просветен инспекторат веднаш го извести надлежното Јавно обвинителство, изјави на вчерашната седница претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.
Извори за телевизија „Телма“ потврдија дека станува збор за судијата Ељведин Ферати од тетовскиот суд, дипломиран во шестата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители. Тој во краток телефонски разговор за Телма, негира дека сам си поправал оценки.
– Најодговорно тврдам дека преполагав три испити, со тоа ја стекнав просечната оцена 8.20. Не знам што се случило со документите и зошто ги нема во архивата на факултетот, изјави за „Телма“ судијата Елведин Ферати.
Според Судскиот портал, Ељведин Ферати во тетовскиот суд работи на вонпарнична област. Дипломирал на Тетовскиот правен факултет 2008-ма, а магистрирал три години подоцна.
ПОВЕЌЕ НА ТЕЛМА