Алхемија на злото
Продолжувам таму каде што застанав минатиот пат – како да дојдовме до беснилото, колективно. И зошто имаме впечаток дека злото е навлезено во нас, капиларно, осмотски, како отровна капка жива во сите нас. Омраза, завист, агресија како кодекси на јавно однесување (последен пример: черечењето на еден млад човек како Дарко Лешовски, без разлика какви се реално неговите способности за местото што му беше понудено; сето тоа можеше да се каже мирно, со една реченица, а не со заднината „зошто тој, а не јас“). Тоа го нареков, во минатата колумна – беснило. Највидлива форма на зло.
Централен проблем на денешниот свет е – наводната борба со злото. Сите формално се борат против него, лоцирајќи го во другиот, но никогаш во себе, и затоа нема никаков успех од таа борба. Притоа, на злото што се лоцира кај другиот секогаш му се дава форма на монструозност, анималност и тератологија (наука за абнормалноста и за чудовиштата во животинскиот и растителниот свет). За Американците Садам Хусеин и Осама Ладен беа монструми; за нив, пак, Американците беа монструми, како оној монструм од светскиот евергрин-роман на Мери Шели, „Франкенштајн“. Од „Франкенштајн“ на Мери Шели до денес поминаа речиси два века и, оттогаш, злото доживеа многу трансформации: стануваше сè поконкретно и поконкретно, па од книгите и теолошките записи за него полека влегуваше во стварноста. И, како и во романот на Мери Шели, во кој монструозното сотворение на д-р Франкенштајн се одметнува, така и преостанатите плодови на човековиот ум, кој очигледно е способен да создава и зло, полека ама сигурно се одметнуваат и излегуваат од контрола на оној што ги создал, човекот. Таблетот и социјалните мрежи, како и патолошката зависност од нив, се само последната форма на одметнатото зло – отуѓеноста. Пред тоа електронско зло се соочивме со злото инкарнирано во човечко тело. Грубо кажано, по Хитлер, злото стана – човекот. Со холокаустот и нацистите злото веќе немаше рогови и опашка; имаше кукест крст, униформа и целосно човечка лика – ликот на Гебелс или Менгеле, на пример. Некои дури, во таа експлозија на злото во човечко тело, отидоа дотаму што злото му го препишаа и на Бога. Еден виден мислител, кој го преживеа Аушвиц, напиша: „По Аушвиц, Господ не може да постои.“
Злото денес нема врска веќе со предренесансната, средновековна, наивна претстава за него – дека тоа е ѓавол, а не човек, и дека тој ѓавол само инцидентно го напаѓа човекот, ако овој не се моли редовно. Се мисли на оној речиси карикиран ѓавол со опашка и рогови, често сликан како жива карикатура на фреските, оној што католиците преку инквизицијата го истеруваа од телата на „грешните“ жени, распнувајќи ги на справи за кинење на екстремитетите и палејќи ги на клада. А во постмодерната епоха, пак, злото ја загуби и човековата лика: тоа стана невидливо. Стана дигитализирано и естетизирано; злото се дигитални игрички што децата ги играат на своите таблети и компјутери, игрички во кои добрите и злите (и едните и другите виртуелни) си ги разнесуваат телата, си ги парчосуваат главите и екстремитетите, стрелаат едни во други од најразурнувачки оружја. Ама таму не тече вистинска крв, туку естетизирана и дигитална крв. Затоа и се случува кога тие деца ќе се вратат од светот на естетиката и дигитализацијата на злото во реалниот свет, да гледаат на касапењето на телото како на нешто што и не е толку страшно. Имавме извештаи во криминалните хроники за средношколци и основци што носат нож кај себе (а зошто им е, ако не за цепење туѓо тело), па имавме и случај на употреба на огнострелно оружје кај ученици. Дури, Запад создаде и цела индустрија за производство на естетизираното зло: најчесто преку видеоигри и филмови. Злото се разни анимациски креирани и компјутерски дизајнирани демони, чудовишта, вонземјани што ги напаѓаат добрите земјани, мали желатинести демони што живеат во утробата на човекот како слепи патници, па излегуваат распорувајќи му го стомакот, срцето…
Со естетизацијата на злото, злото се амнестира од својата човечка форма и од човечкото потекло – со сета таа индустрија за естетизација на злото, човештвото како да сакаше да каже дека нема ништо со злото, дека тоа зло не е ОВДЕ, во тридимензионалниот свет, туку дека е фикционално, ТАМУ, НЕКАДЕ далеку одовде и од нас. Со сите сили Запад се обидува да нè убеди дека злото веќе нема врска со човекот, а најмалку со западниот – злото е само фикција, креација, анимација, дел од забавата што калкулира со економски најисплатливото чувство кај човекот – стравот.
А всушност, колку и да е злото естетизирано (особено на филмот), во стварноста тоа никогаш не било поконкретно и ПОЧОВЕЧКО и никогаш не сме ги чувствувале неговите последици повеќе од сега. Злоба, завист, убиство, елиминација, стигматизација, карантинизација, екстерминација. Изолација по гулази, лудници (за паметни луѓе, како во култниот Форманов филм „Лет над кукавичиното гнездо“), изолација на идеолошки неподобни луѓе, изолација по и во цели партии што се прогласуваат за носители на злото. Злото, покрај тоа што доживеа естетизација (и со тоа му се даде право на неосудување), доживеа и несомнена ПОЛИТИЗАЦИЈА. Злото стекна современа политичка моќ под егидата на демократијата и ширењето светска правда.
Кој виде добро од политиката во денешниов свет? Политиката навидум ослободи многу народи и луѓе по лицето на Земјата од нивните тоталитарни режими, ама ги ослободи и од нивните куќи, деца, жени, пријатели, од покривите над главите. Реки и реки бегалци се резултат на тоа ослободување од злото. Ако ги заборавиме евтините и доста плиткоумни задоволства на потрошувачкото општество наменети само за избран дел од светската популација (добар автомобил, стан, вила, јахта), ништо суштински не се измени со злото – тоа и натаму царува во најголем дел на планетата – од глад до масовни истребувања. И, кога ќе се создадат реки бегалци, како последица на „доброто“ што на некоја земја ѝ е сторено од некој „великодушен спасител“, кругот се затвора – се пласира тезата за „привременото зло“, кое мора да се истрпи, за конечно да се дојде до врвното и вечно добро, до рајот на Земјата.
Таа теза е една од најбезобразните лицемерни флоскули и лаги во историјата на човештвото. Таа приказна за алхемијата на злото, а имено дека злото е нужен пат кон доброто, ни ја повторуваат секој ден, на секое место, во секоја земја. Се сеќавам, кога почна економската криза во СФРЈ, ни велеа дека треба да проживееме неколку години во крајна сиромаштија за да дојдеме до доброто и благосостојбата (да се „стабилизираме“); всушност масовно се крадеше. Истата прикаска ни ја продаваа и кога се осамостои Македонија („ќе биде тешко, ќе треба да се издржи, но потоа ќе станеме богата, самостојна и независна држава“). Идејата е многу стара и учи дека историјата како целина води кон добро, ама преку поединечни зла; тие зла се оправдуваат како нужни по однос на добрата целина. Коренот на таа теза е во некои рани религиозни мислители (филозофија на теодицејата), но стана омилена и за марксистичкиот поглед на светот, иако на прв поглед марксизмот изгледаше како целосна спротивност на теологијата. Еве што пишува, на пример, Ѓерѓ Лукач, еден од најголемите филозофи на минатиот век: „Најголемата обврска во комунистичката етика е прифаќањето на нужноста од неморално дејствување. Тоа е најголемата жртва што револуцијата ја бара од нас. Убедувањето на вистинскиот комунист е дека злото се преобразува во прекрасност, низ дијалектиката и историскиот развој.“
А денес и овде, во наша Македонија, што правиме? Ќе биде погубно ако ја прифатиме таа филозофија, дека со нанесување зло на различниот, на неистомисленикот, ќе стигнеме до врвно добро. Тоа е погубен начин на размислување. Јас сум тука конзервативец. Не верувам дека треба да скршам расипани јајца за да добијам добра кајгана, како доказ дека со дијалектика, од злото сум направил добро. Не верувам дека треба да се погубат идеолошките противници за да се добие бериќетна држава. Не верувам дека нечија среќа се гради врз туѓа несреќа.
Ниедна поединечна несреќа нема да доведе до поединечна среќа, а камоли до општо добро и благосостојба. Затоа, правете добро. Ништо повеќе не треба за благосостојбата на Македонија. Знам дека тоа е најтешко, оти полесно е да се прави зло; ама друг пат – нема. Другото е триумф на злото, негова лажна алхемија.