Свет

Албанец осуден на 22 години затвор во САД поради тероризам, судијата го нарекол „бомба со часовник“

Албански емигрант, кој имал и државјанство на САД а живеел во Бронкс, е осуден на 22 години затвор, откако го признал обвинението за тероризам.

Сајмир Алимехмети (26) во февруари минатата година признал дека донирал материјална помош за Исламската држава во Сирија и Ирак. Роден во Албанија, тој нашол работа во Њујорк како помошник водоводџија и се подготвувал да работи во погребално претпријатие, објави порталот „Албеу“.

Во мај 2016 година бил уапсен од Заедничката терористичка екипа во Бронкс и обвинет е за материјална помош на ИД. Според обвинението, тој собирал разни ножеви за борба, кои можеле да се користат при евентуален терористички напад.

Исто така, се обидел да патува на Блискиот Исток за да стане член на ИД, но двапати бил спречен од страна на британските власти во 2014 година. Во неговиот дом е пронајдено знаме на ИД, видео од терористичка група и пропаганден материјал.

Дури и во затвор, по неговото апсење, Алимехмети ја продолжил својата работа за ИД со ширење пропаганда меѓу затворениците, во соработка со осудениот за поставената бомба во населбата Челзи, Ахмад Кан Рахими.

Судијата Пол А. Енгелмајер, кој му ја изрекол затворската казна, го нарекол Албанецот „бомба со часовник“.

Поврзани вести

Back to top button