Избор на уредникот

Академик Павловски: Заев свесно или несвесно прави фатална грешка со форсирање на штетен националистички закон

Се сеќавате ли на нашиот познат интелектуалец кој напиша дека такви личности како Никола Груевски се раѓаат на секои илјада години? Или заборавивте? Повторно ли ќе минуваме низ слична идолатрија за по некое време и Зоран Заев да го фрлиме на ѓубриштето од историјата? Затоа што така завршуваат лидерите на „султан – партиите” во сите демократии, порано или подоцна. Без разлика што тој дојде како светлина на крилата на Шарената граѓанска револуција, свесно или несвесно прави фатална грешка со форсирање на штетен националистички закон, пишува Акдемик Божин Павловски за Плусинфо.

Додуша тој може да согори и порано, од т. н. “aftershock” на македонската неизградена демократија што ќе произведе најпримитивен револт. Не се сомневам дека како нација со бројна дијаспора на овој начин ќе добиеме и политичка емиграција, феномен што не постоеше од осамостојувањето наваму.

Иако пост фестум, ова ќе ја здрма и македонската заспана интелигенција.

Албанските партии нема да ја пропуштат шансата да го капитализираат овој грандиозен успех. Во делириум ќе се веат знамиња со орлите, ќе се пеат патриотски песни на секоја педа од малата Македонија. Албанската нација станала рамноправна со македонската и во Република Македонија. Не граѓаните, не, тие и во иднина ќе си останат сиромашен декор на политичкото лудило. По ова враќање назад, од мултикултурна и мултијазична, што се обединува преку јазикот на мнозинскиот народ – во граѓанска држава, што е најчудесниот дострел на модерната демократија, веќе може само да се сонува.

Тој филм со демонстрирање на победничко расположение пред гласачите ќе го гледаме веќе наредниот месец. Боли, ама вистина е. Стоте македонски пратеници ќе научат барем нешто од петнаесетте албански што го легитимираат мандатот на владата. Со оваа грешка во чекори позицијата ќе ја ревитализира и својата опозиција.

Нема ли таму во Македонија четворни интелектуалци што ќе му предочат на Заев дека прашањето за двојазичноста ја оддалечува државата од граѓанскиот модел, дека тоа е најмалку политичко (освен при воен или друг вид пораз), дека неспоредливо повеќе е социјално, економско, емоционално, да не речам судбинско за еден мал народ кој робувал со векови и одвај стекнал простор во кој ги кодирал својот јазик, култура и идентитет.

Неопходни се бројни анализи за предностите и последиците од деградирањето на Македонија, која наместо граѓанска и мултикултурна ќе стане двонационална, односно двојазична. Не анализи од  „политичари” туку од страна на експерти, лингвисти, социолози, историчари, економисти, правници. Никаде во светот на демократијата не се носи закон без тие стручни анализи, што може да го осакати мнозинскиот народ во сопствената држава, само заради мандатот на една влада.

Развиените демократии поседуваат инструменти што ги спречуваат налудничавите политички зделки.

Божин Павловски за PLUSINFO.MK

Поврзани вести

Back to top button