Од него останаа големи дела – денеска се празнува овој светец
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 21 јануари.
Денеска е Преподобен Максим Исповедник.
Преподобен Максим се роди околу 580 година во Цариград. Имаше високо потекло. Во младоста се здоби со врвно образование беше најголемиот философски ум на своето време. Едно време служеше како императорски секретар, а потоа ја напушти службата и се повлече Хризополскиот манастир до Халкидон. Наскоро, неговото име неоделиво ќе се врзе за православната борба против монотелитската ерес. Заради своето тврдо исповедништво ќе биде осакатен и ќе умре в затвор, во 662 година. Неговото дело правилно го оцени шестиот вселенски собор, одржан во 680 година. Од него ни останаа многу значајни дела.
Блажениот Максим Грк
Роден е во Грција, од каде што го повикаа на дворецот на рускиот цар Василиј Јованович за царски библиотекар и преведувач. Многу работеше, но многу и страдаше за вистината. Долго време помина во затвор, каде што го напиша познатиот Канон кон Светиот Дух, којшто до денес се употребува во Црквата. Се упокои во Господ во 1556 година.
Светиот маченик Неофит
Родум од Никеја. Уште како дете вршеше големи чуда со благодатта Божја. Изведе вода од камен, ја воскресна својата мртва мајка. Беше одведен од бел гулаб на гората Олимписка, каде што од една пештера го истера лавот и се насели во нејзината внатрешност. Во неговата петнаесетта година беше мачен за Христа во времето на царот Диоклецијан, и тоа во Никеја. Никако не сакаше да се одрече од Христа. После биење и затварање го фрлија во оган, но Бог го сочува жив. Тогаш го ставија пред гладен лав, но лавот се умилкуваше околу Неофит. Во тој лав светителот го препозна истиот оној лав во чијашто пештера се подвизуваше, па го помилува и му нареди пак да си оди во својата пештера. Тогаш Свети Неофит го прободија со копје и тој се пресели во дворовите Господови.
Светата маченичка Агнија
Тринаесетгодишно девојче, за верата во Христа фрлено во оган, па убиено со меч. Пројави голема чудотворна моќ за време на животот и после смртта. Пострада во времето на Диоклецијан, во 305 година.