Мечка усмртена на автопатот Тетово-Скопје
Две возила, синоќа пред полноќ, на автопатот Тетово-Скопје налетеле на мечка и ја усмртиле, информираат од СВР Тетово. Во сообраќајната несреќа полесно се повредени две лица.
Несреќата се случила околу 23:30 часот во близина на клучката за селото Групчин, кога во животното кое се нашло на коловозот најнапред налетал мини-бус „Ивеко“ со германски регистерски ознаки. Набрзо потоа во мечката удрило и патничко моторно возило „сеат-леон“, кое го управувал В. М. (35) од Скопје.
Мечката била усмртена на самото место, а две лица кои биле во „сеатот“ се полесно повредени.
По пријавувањето, на местото бил направен увид, а животното во текот на денот ќе биде предадено на одговорните од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.
Од почетокот на годината, на автопатот Гостивар – Скопје регистрирани се над 70 сообраќајни незгоди предизвикани од животни кои се нашле на коловозот. Најчесто, возилата налетуваат на бездомни кучиња.