Пет руски начини за слабеење
Во Русија отсекогаш се сметало дека девојката треба да биде „стамена“, а ако е слаба тоа се третирало како здравствен проблем. Истото важело и за мажите. Екатерина Прва дури ја принудувале малку да се „поправи“ пред свадбата со императорот Петар Велики. И руските ручеци биле прочуени надвор од границите на земјата. На гостите постојано им биле сервирани најдобрите јадења во неограничени количества. Сепак, постојат и некои руски тајни за слабеење.
1. Селска исхрана
Во селската средина фактот дека некој е слаб бил природна состојба, благодарение на постојаната физичка работа и на честиот кусок на производи. Освен тоа, од средината на пролетта селаните заминувале на поле и таму го поминувале сето време, па дури и останувале на преноќување. На поле не носеле многу храна – само леб и кисело млеко во бокали, зашто сето останато на жештината се расипувало (квасот и киселото млеко биле омилени пијалаци на селска Русија). Селаните го јаделе сето она што расте во градините и во шумите: зелка, репа, киселец, шумски плодови и печурки. Сиве овие летни вкусни нешта се со ниска калорична вредност. Обичните селани не можеле да си дозволат слатки. Шеќерот бил мошне скап, а медот се користел само за празници и како лек, така што слаткото што го правеле од овошје било вистинска реткост.
Илустрација: Аљона Репкина
2. Православни постови
Православните обичаи исто така давале свој придонес за да се виде слаб. Според законите на црквата среда и петок се посни денови. Тогаш не се јаде месо, млеко, млечни производи и јајца, и се јаде помалку од вообичаеното. Освен тоа, во текот на годината постојат четири поста кои траат подолго. Строгиот Велик пост напролет трае седум недели, зимскиот Божиќен пост трае пет и пол недели, Петровскиот пост трае неколку недели, во зависност од датумот кога паѓа Велигден, а Богородичните пости траат две недели. Во текот на постот, особено ако тој е строг, во определени денови не се јаде дури ни храна подготвена на билно масло, или воопшто не се зема храна. Пред исповедта и причестувањето, кои биле редовна појава, исто така се постело најмалку три дена.
Илустрација: Ањона Репкина
3. Бања
Ефикасно средство за превентива од прекумерните килограми, како и од многу болести, во Русија била бањата (руската парна бања). Сабота бил ден резервиран за бања. Освен тоа, се сметало дека водата и пареата не само што ги измиваат валканиците, ами и лошите мисли и гревовите. Современите филозофи го објаснуваат тоа со фактот што под дејство на високата температура, а потоа на наглото ладење на организмот, се исфрлаат одвишните течности и се забрзува метаболизмот. За волја на вистината, порано никој не одел на бања за да ослаби, но затоа денес ова е мошне популарен метод.
Илустрација: Аљона Репкина
4. Императорско мени
За разлика од понискиот сталеж, врвот на руското општество можело себеси да си дозволи изобилство во храната и затоа морале да размислуваат за контролирање на своето мени. На пример, Петар Велики (1689 – 1725) останал запаметен како строен владетел кој бил во добра форма. Тој обрнувал големо внимание на својата исхрана. Станувал многу рано, поред 5 часот, набрзина појадувал за да стаса да заврши сè што имал испланирано во текот на денот. Ручал напладне. На неговото мени имало шчи (густа кисела чорба од зелка), месо, односно ладна печена патка или ладно свинско во павлака, шунка и кашкавал. Освен тоа, Петар Велики многу го сакал овошјето од императорскиот овоштарник. Со други зборови, царот држел диета, хранејќи се со белковини и со зеленчука, а исто така и со свежо овошје.
Илустрација: Аљона Репкина
5. Исфрлање на вечерата
Во Руската империја во круговите на највисокиот сталеж постоела и практика на одржување „форма“ во вид на исфрлање на вечерата. Ова го има истакнато и рускиот писател Иван Гончаров во романот „Обична историја“. Еден негов јунак кој бил угледен човек во Санкт Петербург, сметал дека вечерата е нешто што им припаѓа на селаните и на обичната раја. Многумина императори исто така не вечерале. Еден од нив е и Николај Први (1825 – 1855). За волја на вистината, во Петербург ручекот почнувал доцна – околу 5-6 часот навечер.
Илустрација: Аљона Репкина
Извор: Руска реч