„Од град во село, за нов почеток“ – нов проект за враќање на населението во селата
Од град во село, за нов почеток“ е новиот проект од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ со пакет мерки и бенефиции со цел поттик на населението за враќање во селата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска информира дека секој корисник на проектот што ќе стартува од јануари следната година и ќе трае две години, ќе добие пакет бенефиции и поддршка преку субвенционирање на трошокот за купување, обнова или градба на куќа најмногу до 6.000 евра, бенефиции за бесплатно државно земјоделско земјиште до три хектари, како и еднократна месечна субвенција од по 15.000 денари во тек на 18 месеци.
Оваа мерка можат да ја искористат лица кои претходно живееле во село, а сега се преселиле во град и се уште имаат имот во селото каде живееле. Мерката можат да ја искористат и оние кои мигрирале, а немаат куќа во село. Исто така, мерката им е на располагање на лицата кои живеат во град и се невработени или пак вработени, но со многу ниски примања, лица чии вкупни месечни примања на целото семејството не ја надминуваат просечната бруто плата од 32.074 денари, односно нето плата од 21.813 денари.
Груевски ги образложи бенефитите кои им се нудат на заинтересираните граѓани:
- Субвенционирање на трошокот за купување илиреновирање или градба на куќа, до најмногу 6.000 евра. Висината на оваа субвенција се одреди по истражувањето направено на цената на куќите во селата, која е далеку пониска отколку во градовите, пред се заради немањето побарувачка за нивно купување и миграцијата село град. Оние кои веќе имаат куќа на село, ќе може субвенцијата до 6.000 евра да ја искористат за реновирање, доградба, надградба или на самата куќа, или на земјоделски објекти како плевни, штали, магацини, складишта, силоси и слично.
- Добивање на бенефиции за давање на државно земјоделско земјиште до 3 хектари бесплатно. Секој кој ќе се одлучи да се пресели на село преку оваа мерка доколку се одлучи за обработка на земја и садење растенија ќе добие 3 хектари земја за обработка бесплатно. Доколку корисникот изрази желба за повеќе земја ќе има можности во рамките на постоечките законски решенија, односно огласи кој се под стандардните услови да добие дополнително државно земјоделско земјиште, односно 120 евра од хектар за прва и втора класа земјиште, 90 евра по хектар за трета и четврта класа, 60 евра за 5 и 6 та класа, 30 евра за 7 и 8 класа.
- Се предвидува и доделување на еднократна месечна субвенција, односно парична помош за почеток за прилагодување кон животот на село во висина од 15000 денари месечно, во тек од 18 месеци или вкупно 270 илјади денари. Ова е особено значајно за стабилизирање на семејството, егзистенција и почетен капитал за поддршка во развојот на бизнис. Ова треба да ја осигури егзистенцијата во периодот додека не стигнат првите приходи од земјоделската дејност;
- Посета на задолжителни обуки за претприемништво, започнување и водење сопственбизнис, како и специјализирани бизнис обуки за земјоделство и најдобри земјоделски практики. Ова е особено значајно за оние кои за прв пат започнуваат со земјоделски бизнис. Преку Агенцијата за вработување, откако ќе биде распишана тендерска постапка ќе биде избрана специјализирана агенција која ќе врши специфични обуки за развивање на претприемачки дух и знаење, истовремено ќе биде искреирана и посебна програма за стекнување и обуки и знаења од областа на земјоделието.
- На располагање ќе биде и новопромовираниот проектот за ангажирање на професионални земјоделски советници кои веќе беа најавени како дел од пакетот на земјоделски мерки.
- Други поволности кои стојат на располагање во рамките на постоечките програми е користење на новата мерка од 80% поддршка од државата за инсталирање на систем „Капка по капка“за најмногу до 50 хектари и 80 отсто поддршка за изградба на бунари. Со воспоставувањето на механизмот „Капка по капка“ ќе се овозможи дополнително зголемување на приносот за два, три или повеќе пати, што ќе значи и зголемување на приходите за неколкупати.
- За лица кои се заинтересирани да се занимаваат со сточарство ќе може да ја искористат новопромовиранта мерка за 80% поддршка од државата за набавка на високо приносен добиток, со што исто така за неколку пати ќе го зголемат приносот и ќе обезбедат зголемени приходи; Максималната вредност на прифатливите трошоци ќе изнесува до 10 милиони денари по корисник, финансиски средства со кои можат да се набават и до 100 крави или 1000 високо приносни кози или 800 високо приносни овци.
- Ќе се овозможи и мерка бесплатна концесија за пасишта која што ќе биде наменета единствено за корисниците на овој проект и тоа за крупен добиток еден хектар по грло најмногу до 5 грла, односно 5 хектари,а за ситен добиток 0.2хектари по грло, најмногу до 50 грла ситен добиток односно 10 хектари.
- Достапна е помош на млади земјоделци за започнување со земјоделска дејност. Се доделува на секој млад земјоделец кој за прв пат започнува да се занимава со земјоделска дејност. Станува збор за неповратна финансиска поддршка во висина до 600 илјади денари или 10 илјади евра за реализација на инвестициски план на корисникот за период од најмногу 3 години. Право да аплицираат за овој вид на поддршка имаат лица со возраст од 18 до 40 години. Овие пари може да се искористат за дополнителна набавка на добиток, изградба на фарми, приклучна механизација.
- Исто така достапна е и финансиска поддршка во висина од 50% кофинансирање од вкупната вредност на инвестицијата за подигнување на нови лозови и овошни насади и медоносна флора -фацелија, еводија и багрем на нови површини. Кофинансирањето се зголемува на 55% ако носител е млад земјоделец, на 60% за подрачја со ограничени можности, на 65% ако е млад земјоделец во подрачја со ограничени можности и 75% доколку инвестицијата е во недостапни рурални заедници. Поддршката се доделува врз основа на реализирани инвестиции за набавка на садници, набавка на потпорна конструкција, услуги од трети лица за подготовка на почвата и садење на садниците, во висина до 2,5 милиони денари по корисник.
- Финансиска поддршка во висина од 50% за набавка на трактори и земјоделска механизација за житни и индустриски култури во висина на поддршката до 3,5 милиони денари по корисник. Кофинансирањето се зголемува на 55% ако носител е млад земјоделец, на 60% за подрачја со ограничени можности, на 65% ако е млад земјоделец во подрачја со ограничени можности и 75% доколку инвестицијата е во недостапни рурални заедници.
- Финансиска поддршка во висина од 50% кофинансирање од вкупната вредност на инвестицијата за набавка на пчелни матици и опрема во пчеларството. Кофинансирањето се зголемува на 55% ако носител е млад земјоделец, на 60% за подрачја со ограничени можности, на 65% ако е млад земјоделец во подрачја со ограничени можности и 75% доколку инвестицијата е во недостапни рурални заедници. Поддршката се доделува за набавка на пчелни матици, набавка на рамки и сандаци, набавка на опрема за одгледување на пчели, услуги од трети лица за изработка и инсталирање на опремата. Максималната вредност на поддршката е до 600 илјади денари за набавка на пчелни матици и до 800 илјади денари за набавка на опрема во пчеларството.
- На корисниците ќе им стои на располагање можност за рганизирање во задруги а со тоа и можност за повисоки субвенции од 7 или 15%.
-Преку ИПАРД Програмата за оваа категорија на лица на располагање се и повеќе мерки меѓу кои: Набавка на трактори и останата приклучна механизација за овоштарство, лозарство, сточарство и градинарство, изградба на објекти за чување на земјоделската механизација и опрема, изградба или реконструкција на објекти за пост-бербeни активности како и опрема за подготовка за сортирање, саламурење, чистење, миење, сушење, сортирање, за разладување, ладење и замрзнување. Изградба или реконструкција и модернизација на пластеници или стакленици за производство на зеленчук и расадници за саден материјал за зеленчук, изградба или реконструкција на фарми за одгледување на животни како и помошни објекти и објекти за молзење, одгледување на подмладок и оплодување, работни простории, вклучително и обезбедување на инфраструктура на фармата, изградба и реновирање на недвижен имот, во однос на складови за крма и сточна храна, силажа, сено и штали за зрнеста храна, вклучително и опрема за подготовка на крма, ракување, пакување и складирање. Инвестиции во изградба или реконструкција на објекти за воспоставување и модернизација на преработка на капацитетите за преработка на храна за производство на традиционални или модерни прехранбени производи, набавка на машини и опрема за преработка, пакување, етикетирање и складирање. За овие мерки согласно условите од Програмата се финансираат 50% од вкупната вредност на прифатливите трошоци, а за некои инвестиции тој процент може да достигне и до 75%, потенцира Груевски.
Луѓето кои што ќе може да го користат проектот„Од град во село, за нов почеток”се брачни парови, каде постариот партнер е на возраст најмногу до 45 години, а предност ќе имаат оние што се со повеќедетни семејства. Потребно е да имаат конкретна бизнис идеја за самовработување и што има потенцијал да генерира нови работни места. Проектот се однесува за населување на селата кои се до 500 жители. Корисникот ќе има обврска 10 години да не смее да го отуѓува имотот, ниту пак да ја намали неговата почетна вредност. Корисниците се обврзуваат да живеат најмалку 15 години на село по започнување на користење на условите од проектот. Истовремено со цел да се одбегнат злоупотреби, ќе бидат формирани и комисии кои ќе вршат надзор на спроведувањето на самиот проект и проверки на терен.
-Наша интенција е да се искористат огромните потенцијали кои што ги нуди македонското село. Целта се селата до 500 жители, односно оние кои што се со помалубројни жители, бидејќи тие се на границата на целосно иселување. Истовремено ова преставува неповторлива можност за оние кои што се преселени и живеат во град, а особено што имаат некакви ресурси во местата од каде потекнуваат, на пример сопствен имот, стара куќа, или пак некаков земјоделски капацитет кој има потенцијал, да биде рестартиран. Ова е шанса и за оние кои се невработени, а живеат во град. Еве шанса преку својот труд, со исклучителна поддршка од државата да дојдат до свој дом, своја работа и бизнис за семејството на село. Државата нуди работа, нуди дом и исклучителни поволности за поддршка на сопствен бизнис на село. Сега зависи само од вас, од храброста, решителноста, но и знаењето и волјата за работа на секој поединец кому му треба поддршка, порача Груевски.
Бидејќи се располага со ограничени ресурси во поглед на расположливо обработливо државно земјоделско земјиште и пасишта, државата, односно Владата преку Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство дополнително ќе објави во кои села ќе понуди ваков пакет, зависно од тоа каде има слободна земја и пасишта. Проектот кој што е исклучително поволен ќе се применува две години, односно ќе започне од јануари 2017-та а ќе заврши во јануари 2019-та година.