Македонија
Рехабилитиран локален пат во Долненско, ќе се гради пат преку Подвис за поврзување со Кривогаштани
За неполни три недели со интервенција на Министерството за транспорт и врски и на Агенцијата за државни патишта интервентно е оспособен локалниот пат од шест километри, со што им се олесни комуникацијата на преку 400 жители на селото Вранче во општина Долнени, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, кој денеска направи увид на привремено оспособениот локален пат.
– Пред две три недели жителите од долненското село Вранче се пожалија на лошиот пат. Ветивме дека ќе преземеме нешто и денеска направиме увид дали е се средено. За среќа средено е и жителите ќе имаат еден „бај пас“ засега односно сите дупки се пополнети. Стануваше збор за сериозни оштетувања на коловозот. Сега ќе патуваат побезбедно. Заедно со градоначалникот на општината Долнени ќе распишеме тендерт за изградба на локалниот пат. Ќе гледаме комплетно да ги поврзе сите села, изјави Мисалјовски по средбата со жителите на долненско Вранче.
Мисајловски најави дека Министерството за транспорт и врски по барање на жителите од регионот, ќе помогне во изградба на пат преку селото Подвис за овие населени места да се поврзат со Кривогаштани.
– Преку наши средства ќе помогнеме со пробивањето на патот до селото Подвис и да ја скратиме делницата до Кривогаштани. Се што можеме како централна власт на жителите ќе им помогнеме. Оваа општина има слаби примања и вредно бројно население и ќе им помогнеме, најави Мисајловски.
Според градоначалникот Боше Милошески, за оспособување на патот од Рибникот до селото Вранче од 6 километри интензивно се работело изминатите 10 дена.
– Благодарение на Министерството за транспорт и врски и на Агенцијата за државни патишта забрзано се одвиваа градежните работи од местото „Рибник“ до селото Вранче. Се закрпија сите ударни дупките со асфалт на многу оштетениот пат од 6 километри. Ова е привремено решение за жителите на Белополе, Вранче, Кутлешево и Средорек. Во иднина ќе се асфалтира патот до Бело Поле, а во меѓувреме ќе се бара решение и за асфалтирање на патот до Средорек. Инаку за асфалтирањето на патот до Бело Поле е обезбеден грант од Светска банка и треба да биде готов за два месеца во должина од 3,4 километри, а инвестицијата е 15 милиони денари, вели градоначалникот Милошески.
Како што е најавено, со изгрдбата на патот до Подвис и Каштани ќе се решат проблемите за околу 20-ина населени места со 12 000 жители.
Извор: MИА