За постот
Св. Јован Лествичник: Постот е присилување на природата, оставање на сѐ што го задоволува вкусот, гасење на телесните возбуди, истребување на лукавите помисли, ослободување од скверните сновиденија, чистота на молитвата, светило на душата, запазување на умот, истребување на срдечната нечувствителност, врата на умилението, смирена воздишка, радост на сокрушеноста, воздржание од празнословие, причина за безмолвие, чувар на послушноста, олеснување на сонот, здравје на телото, виновник за бестрастието, разрешување на гревовите, врата на рајот и небесно насладување.
Протојереј Валентин Амфитеатров (Извадок од книгата Великиот Пост): Поминаа две недели од Великиот Пост, во којшто Православната Црква нѐ повикува кон поправање, кон покајание. Таа, како нежна и грижлива мајка, ни предлага да ја поминеме Светата Четириесетница под нејзино раководство. Ни предлага и ни нуди правила на живот, едни поучувајќи, други кротко разобличувајќи, а трети, пак, поддржувајќи ги и укрепувајќи ги на вистинскиот пат.
Но многу од нас нејзиниот совет не го слушнавме, или, пак, не обрнавме внимание на тие повици. Многу од нас времето нѐ носи напред како бурен виор, нѐ влечка по себе, како некакви бездушни предмети, лишени од сопствените сили. И ние, влечејќи се сѐ подалеку и подалеку, наликуваме на луѓе кои имаат очи, но не гледаат, имаат уши, но не слушаат. Времето незапирливо си врви, и ние само ги броиме деновите и страшните беди и несреќи што ни се случуваат, не замислувајќи се над нивното внатрешно значење. А во тие страшни денови се крие една страшна и длабока поука. Всушност би требало причината за несреќите што ни се случуваат да ја видиме во самите себе. Се уништува себеси одреден поединец, се уништува себеси и цела нација поради гревот. Умножувањето на гревовите ги умножува болестите и видовите на болести, скратувајќи го така нашиот живот.
Очигледен и јасен грев на нашето време е самољубието, коешто го презира и законот Божји, и законот на државата, и законот на природата. Човекот не сака да ги ограничи своите похоти, не го смета за потребно тоа да се воздржува. Кому не му е јасно дека цела маса народ гине од неумереност и од пијанство? Почетокот на тие два грева се наоѓа во тоа што луѓето ги занемаруваат повиците на Црквата, која бара од нив воздржание и трезвеност. Доколку човекот ги наруши тие барања, сигурно ќе ги наруши и оние закони што му ги налага општеството.
Во дните на востановениот пост луѓето водат срамен живот, не разликувајќи го Постот од другите денови. Кога луѓето несовесно го нарушуваат Постот и пред општеството, тогаш тие одат уште подалеку: се прејадуваат и опиваат и на тој начин го нарушуваат и третиот закон – законот на природата. Казната за нарушување на тие закони не доцни: ние гледаме цела низа на несреќи што произлегле од невоздржанието. Секако и душевните пороци носат со себе неброени несреќи.
Црквата, како нежна мајка, учи на смирение, Државата – кон самоуважување, природата – кон запазување на човечкото достоинство во себеси. И повторно ние ги нарушуваме овие закони, а по нарушувањето следат таги и болки за нашето тело. Каде е причината за сите наши внатрешни и надворешни тешкотии? Во не сакањето да го исполниме законот Божји. Каде е причината за нашите несовесни потфати и несреќи и неуспеси од тие потфати? Во тоа што ние се залагаме не за свое дело, се нафаќаме горделиво да го поминеме коработ преку бурната морска шир, кога сме сѐ уште неопитни во пловење по река со чамец. Каде е причината за отсуството на карактер и волја во нас? Во тоа што ние премногу своеволно живееме, не поставувајќи си себеси ни мерка ни цел. Тоа е причината што живееме долго, а животот ни минува без задоволствата и насладите што Бог ги предвидел за човекот на земјата. Човекот не влегува во храмот, не ги знае насладите што му ги дава Божјото Слово, Божествените служби. Човекот себично живее во семејството, се љуби само себеси – од тоа тој не ја сфаќа семејната радост и не ги чувствува во себе самиот благородните чувства на великодушност, преданост, љубов. Навикнат да живее само за себе и во себе, тој не ја разбира народната тага, не ги разбира народните болки, и наликува на камена статуа, која каде и да е поставена, ќе биде безгласна и нечувствителна.
Но Црквата одново незамолчливо повикува кон поправање. Спасителот нѐ повикува кон верата. Да поверуваме и ќе се исцелиме; и тогаш Он ќе ни каже, како што му кажа на исцелениот фатен во Евангелието: „Синко, ти се опростуваат гревовите твои“ (Мк. 2, 5). Амин.
Извор: Bigorski.mk