Свет

„Турција сака радикалните исламисти да преовладеат на Блискиот Исток и да отидат во Европа“

Велика Британија тајно испратила специјалци во Либија, Израел ја толерира Ал-нусра, а Турција сака радикалните исламисти да преовладеат на Блискиот Исток и да отидат во Европа, ова се шокантните сознанија што кралот Абдула од Јордан доверливо ги споделил со американските конгресмени

Лидерот на оваа блискоисточна земја, кој е на власт од 1999 година, оваа искрена регионална процена им ја дал на конгресните лидери, меѓу кои и Џон Меккејн и Пол Рајан, на состанок зад затворени врати за време на неговата посета на САД во јануари. До меморандумот од разговорите на средбата сега дошол британскиот весник Гардијан.

Кралот рекол дека на јорданските специјални сили што работат во Либија им се придружил голем контингент од британските елитни единици САС и дека на Британците им треба помошта од Јорданците зашто „јорданскиот сленг е сличен на либискиот“.

Кралот, исто така, истакнал дека британските сили помогнале во создавањето механизиран баталјон во јужниот дел на Сирија, на чело со локален командант и составен од племенски борци, за борба против армијата на Башар ал Асад, и дека неговите војници се подготвени со Велика Британија и Кенија да тргнат „преку границата“ за да ја нападнат Ал Шабаб во Сомалија.

Безбедносната агенција Стратфор во почетокот на месецов веќе навести дека САС-единиците „ги придружуваат тимовите на МИ6 што се среќаваат со либиски функционери заради достава на оружје и обука на сириската армија и на милициите против Исламска држава.“

Британскиот премиер Дејвид Камерон сега одбил да одговори на новинарските прашања во врска со наводите од меморандумот, вели Гардијан, а ниеден од високите британски функционери не ја прифатил поканата за интервју. Министерството за одбрана одговорило дека не коментира за операциите на специјалните сили.

Сепак, еден извор од американскиот сенат потврдил дека конгресмените се сретнале со кралот на приватен состанок, но одбил да потврди „за што било или не било дискутирано“.

Меморандумот од средбата содржи и дека Абдула на конгресмените им рекол дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган „верува дека решението на проблемите во регионот лежи во радикалниот ислам“ и дека „фактот дека терористите одат во Европа е дел од турската политика“.

„Турција постојано добива потчукнување по раката, но секогаш се извлекува“, рекол јорданскиот крал и додал дека на Турција ѝ одговара Европа да биде преплавена од радикални исламисти.

Кралот рекол и дека Израел го толерира разгранокот на Ал каеда, Џабхат ал Нусра, на својата граница со Сирија бидејќи „ги смета за противници на Хезболах“.

Поврзани вести

Back to top button