НАСА откри мистериозен сигнал надвор од нашата галаксија
Научниците анализирале 13-годишни податоци од вселенскиот телескоп Ферми со гама-зраци и забележале мистериозен сигнал. Не го очекувавме тоа. Сè уште не можеме да објасниме, вели Френсис Реди од Центарот за вселенски летови Годард на НАСА.
Моќен телескоп може да детектира гама зраци, огромни изливи на енергија илјадници до стотици милијарди пати посилни од она што можеме да го видиме со голо око. Ваквите „сигнали“ се јавуваат кога ѕвезди експлодираат или за време на нуклеарна експлозија. При разгледувањето на податоците, експертите наишле на сосема поинаков сигнал од оној што го барале, пишува „Бизнис инсајдер“.
– Тоа е сосема случајно откритие. Најдовме многу посилен сигнал, и тоа на различен дел од небото, вели Александар Кашлински, космолог од Универзитетот во Мериленд. Астрономите всушност барале една од најстарите карактеристики на гама-зраците, позната како космичка микробранова позадина (CMB), која го исполнува целиот космос како остаток од раните фази на развојот на универзумот.
Наместо тоа, научниците откриле сигнал кој доаѓа од слична насока и со речиси идентична големина на некои од најенергичните космички честички некогаш откриени.
– Најдовме дипол на гама-зраци, но неговиот врв е на јужното небо, далеку од CMB, а неговата магнитуда е 10 пати поголема од она што би го очекувале, вели Крис Шрејдер, астрофизичар од Центарот за вселенски летови Годард.
Експертите веруваат дека ова откритие би можело да биде поврзано со карактеристиката на космичките гама-зраци, пронајдени во 2017 година од опсерваторијата Пјер Огер во Аргентина. Тие претпоставуваат дека овие два феномени би можеле да потекнуваат од еден неидентификуван извор со оглед на нивната слична структура. Тие се надеваат дека наскоро ќе можат да го лоцираат мистериозниот извор или да развијат алтернативни објаснувања за двата феномени.