Фокус: Советот по втор пат не ја унапреди „непослушната“ Ленче Ристоска – Артан Ајро за кого има кривична, по втор пат унапреден
Советот на јавни обвинители по втор пат не ја избра обвинителката која беше дел од поранешното Специјално јавно обвинителство, Ленче Ристоска за обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје и обвинителот, Љубомир Лапе кој последно го отвори случајот „Феникс“ за спорниот проект „Скопје 2014“, пишува ФОКУС.
И двајцата досега два пати конкурираа за унапредување во Вишото обвинителство и два пати не добија мнозинство од членовите.
На денешната седница на Советот на јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство унапредени се обвинителката, Наташа Гоџоска, сестра на поранешниот министер за правда, Никола Тупанчески, која се откажа од случајот со малата Тамара Димовска, која почина чекајќи лекување во Турција и поранешниот колега на Ристоска и Лапе од СЈО, Артан Ајро.
Ова е второ унапредување за Артан Ајро, кој прво беше избран за обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а сега оди во скопското Вишо обвинителство.
Ајро е еден од обвинителите против кои поранешниот народен правобранител, Фехми Стафа поднесе кривична пријава за конфискацијата на имотот на „Трансмет“, предмет против бизнисменот Сеад Кочан од кого од буџетот требаше да се вратат 17 милиони евра, но не се врати ни денар.