Германска државјанка припадничка на ИСИС, држела Јазидка за свој роб, го поттикнувала сопругот да ја силува
Државјанка на Германија која се приклучила кон терористичката група Исламска држава е осудена на девет години затвор поради повеќе кривични дела, вклучувајќи држење на припадничка на народот Јазиди како роб. Таа исто така е прогласена за виновна за злосторства против човештвото и членување во странска терористичка организација.
Судот во западниот град Кобленц соопштил дека 37-годишната ја малтретирала младата Јазидка три години додека живееле во Сирија и Ирак. Утврдено е дека осудената го поттикнувала својот сопруг да ја силува и тепа жената.
– Сето ова служело за декларираната цел на џихадистите, да ги уништат Јазидите, рекле обвинителите на почетокот на судењето во јануари.
Припадниците на Исламската држава во 2014-та година упаднале во центарот на Јазидите во северен Ирак. Јaзидите побегнале на планината Синџар.
Многу од нив биле убиени, а околу 7.000 жени и девојки се заробени и малтретирани. Меѓу нив била и млада жена за која обвинителите рекле дека обвинетите, по име Надин К. и нејзиниот сопруг, ја користеле како роб од 2016-та година кога се преселиле во градот Мосул во Ирак.
Тие во 2015-та година отпатувале во Сирија да се приклучат на џихадистите, а подоцна се вратиле таму со жената, која тогаш била во раните 20-ти години. Таа е ослободена во 2019-та година, наведува „Би-Би-Си“.