На Фејсбук страната Село Бродец се појави снимка на која се гледа како мечка бара мече во брзите води на река Пена.
Локацијата е на само стотина метри од шарпланинското село Бродец по течението на река Пена. Мечката најпрвин во потрага по мечето ја преминува реката од едната, а потоа и од другата страна. За околу една минута се појавува мечето кое го носи брзата вода, а мечката скока по него во обид да го спаси. Реката ги носи по надолу по течението, но од густата шума не може да се види каков е исходот. Во меѓувреме додека трае оваа „спасувачка мисија“ се појавува уште едно мече долж реката кое ја следи случката, а постојано се слушаат и мечкини завивања.
Жители на село Бродец ни посведочија дека мечката со мали мечиња постојано го „посетува селото“ и се доближува на десетина метри до првите куќи, најверојатно во потрага по храна.