Оваа Македонка стана најмладиот НАСА ментор!
Веројатно се сеќавате на младата и атрактивна скопјанка, Мартина Димоска или попозната на Марта Девилиш, која ја запознавте како единствениот македонски алтернативен модел.
Шармантната Марта освен тоа што е успешна како модел, таа е најуспешната студентка на насоката за нанотехнологии на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и е добитник на многу награди и признанија и на ова поле.
Овој пат Марта може да се пофали со нешто големо, односно со тоа што таа е најмладата Македонка која има свој патент.
Во интервју за Факултети.мк, таа вели дека ќе ја памети годината што изминува по многу убави нешта, пред се од успесите на професионален план.
Меѓу најдрагите го издвојува тоа што беше прогласена за најмладиот N.A.S.A. Space Apps ментор, како иноваторството за создавање сопствен патент.
Што е она по што ќе ја паметиш 2015-та година?
-2015-тата година ќе ја паметам по секое парче добрина направено од оние луѓе со душа, сите нивни тивки херојства на кои сум била неочекуван сведок. Ќе ја паметам по одлични конгреси за образование кои се одржуваа на техничките факултети и за сите револуционерни и напредни решенија во областа на инженерството споделени со студентите. За огромната поддршка што ја добивам како стипендист на Технолошко-Металуршкиот факултет. По прекрасното искуство во NewMan’s Business Accelerator, за сите успешно изработени проекти таму како и прекрасните пријателства и можности кои ги нудат! За успешното дипломирање на нивната академија за Мехатроника и Роботика. Посебен акцент би ставила на N.A.S.A. Space Apps натпреварот каде по победата станав најмлад N.A.S.A. Space Apps ментор. Ќе ја паметам по победата на првиот климатски предизвик #ОдТебеЗависи, кој беше отворен за сите компании и ентузијасти кои сакаа да помогнат со намалувањето на загадувањето. Секако и по добиениот производ од тој предизвик, односно влошките за патики што генерираат електрична енергија и полнат батерии и направи со USB приклучоци. Горда сум на таквите искуства и особено врежано во мојата меморија ќе биде тоа што годинава сум прогласена како најмладата Македонка што изработува патент. Горда и пред се` благодарна сум на целиот мој тим и сите тие добри луѓе што веруваат во мене. Ќе ја паметам по пресвртите. Ќе ја паметам по разделбите и повторните средби. Ќе ја паметам по погрешните и уште повеќе по правилните одлуки. По сите падови но и издигнувањето над нив посилна, помудра и поискусна. По љубовта што сум ја врачила и добила од сите мили најблиски околу мене, изјавува Мартина за Факултети.мк
Димоска им порачува на сите повеќе да веруваат во своите соништа. Да бидат исполнети со елан и мотивација за да можат да ги остварат сите оние работи кои што им тежеле и да ги исполнат пасиите кои ги подзаборавиле.