Во фабрика за канабис за медицински цели во Кочани, се одгледувала и марихуана за илегалниот пазар (ВИДЕО)
Вчера (23.02.2021) од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи во заедничка координирана акција со Одделот за сузбивање на организирани сериозен криминал, СВР Штип и ОВР Кочани биле лишени од слобода Д.Б.(41) од с.Другово, кичевско, Г.П.(31) од Скопје и А.А.(31) од Кочани, поради основано сомнение за нивна инволвираност во неовластено производство и продажба на дрога, при што се запленети над 6 килограми марихуана.
Имено, во почетокот на февруари 2021, во координација со Јавен обвинител од ОЈО Кочани е спроведена истрага поради сомнение дека во фабрика за производство на канабис за медицински цели во с.Уларци, кочанско се одгледува наркотична дрога марихуана со цел да биде продавана на илегалниот пазар, при што беа обезбедени материјални докази дека три лица вработени во правниот субјект се инволвирани во неовластено производство и продажба на марихуана.
На 23.02.2021 година во координирана акција во Кочани и во трговски центар во Скопје Д.Б. бил затекнат при продажба на шесте килограми дрога и бил лишен од слобода.
По претходно обезбедена наредба од Судија на претходна постапка од Основен суд Кочани, во присуство на Јавен обвинител од ОЈО Кочани и претставници од Комисија за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели при Министерство за здравство, извршен е претрес во правниот субјект во с.Уларци, кочанско, при што се лишени од слобода и Г.П. и А.А.