Шест починати, 22 ново заразени и 36 оздравени од коронавирусот
Шест жртви, 22 новозаболени и 36 оздравени пациенти е билансот на епидемијата на коронавирусот во Македонија во последното деноноќие. Двајца пациенти од Прилеп починаа на Инфективната клиника. Станува збор за пациент на 58 годишна возраст хоспитализиран на клиниката од 19 април и 63 годишен пациент примен на болничко лекување од 9 април, и двајцата приклучени на механичка вентилација. Во Градската болница „8 септември“ починаа три лица, двајца пациенти од Скопје на 75 и 58 годишна возраст и двајцата хоспитализирани на 26 април, и 51 годишна жена од Тетово на 51 година, хоспитализирана од 12 април.
„Пред два дена почина и пациентка од Скопје на Клиниката за онкологија на 71 година. Нејзиниот позитивен резултат на Ковид-19 е стигнат во текот на вчерашниот ден“, соопштија од министерството за здравство.
Досега како последица на коронавирусот во Македонија починале 71 лице.
„ Денеска Институтот за јавно здравје регистрираше 36 оздравени од Ковид-19. Станува збор за деветнаесет лица од Скопје, петмина штипјани, четворица прилепчани, тројца велешани, две лица од Гостивар и по едно лице од Тетово, Струга и Кманово “, стои во соопштението на министерството за здравство.
Во моментов хоспитализирани се 134 пациенти а 9 се приклучени на респираторна машина.
На Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се вкупно 52 пациенти. Од нив 25 се со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка, а тројца пациенти се на механичка вентилација. Во Градската болница „8 септември“ има 28 пациенти од кои шестмина се приклучени на респираторна машина а три пациенти се со потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се хоспитализирани 6, а се следат вкупно 8 пациенти во домашно лекување, додека во болницата во Штип се лекуваат 2 пациенти, а се следат уште 6. На инфективните одделенија во болниците во Куманово, Велес и Прилеп се хоспитализирани 46 пациенти, потврдени и суспектни на Ковид-19.
Вкупната бројка на заболени во државата е 1.421 лица.
Гледано по градови, најмногу заболени има во Скопје – 486 а потоа е Куманово каде сега има 3786 заболени. Во Прилеп има 143 заболени, во Тетово има 75 случаи, во Велес – 69 а во Струга има 65 заболени. Во Дебар бројката не е изменета – 51 случај. Во Источна Македонија град со најмногу заболени е Штип каде се регистрирани 34 случаи и Кочани каде има 28 заболени. Двоцифрен број на заболени има во уште два града, Битола каде 19 лица се позитивни на коронавирус, Гостивар каде засега има 17 заболени и Охрид со 15 регистрирани случаи.
Во изминатото деноноќие направени се 362 теста, а досега во земјата се направени вкупно 15.771 тестирања на Ковид -19.