МакедонијаТоп

Банките ќе заработат околу 137 милиони евра, ако сите прифатат одложување на кредитите?

Најголем дел од банките во земјава одлучија да дозволат одложување на плаќањето на ратите за кредитите до шест месеци. И ако на почетокот граѓаните беа задоволни од оваа одлука, полека таа станува една од најкритикуваните. Тоа е поради фактот што банките ќе наплаќаат камата за одложувањето на ратите, односно за грејс периодот.

Уредбата на Владата со која се регулира одложувањето, не задира во каматата, па така банките имаат слобода да пресметуваат камата за одложувањето. Ставот на премиерот Оливер Спасовски и министерката за финансии, Нина Ангеловска е дека доколку не се пресметува дополнителна камата за одложувањето, ќе се наруши банкарскиот систем.

Професорот Бранимир Јовановиќ во изјава за Фокус вели дека всушност, банките ќе стекнат дополнителен приход со одложувањето на ратите.

-Се согласувам дека е многу важно да се зачува стабилноста на банкарскиот систем за време на кризава, ама не гледам како одлуката да се пресметуваат камати и за време на грејс периодот придонесува за тоа, затоа што банките тие камати секако ќе ги наплатат откако ќе заврши грејс периодот, односно, откако ќе помине кризата.
Со пресметувањето камати и за време на грејс периодот банките всушност си ги зголемуваат приходите откако ќе помине кризата, односно, на некој начин профитираат од кризава, и затоа мислам дека треба да ја преиспитаат одлукава. Доколку тие самите не се предомислат, сметам дека Владата треба експлицитно, со уредба, да забрани да се пресметуваат камати за време на грејс периодот. Притоа, не станува збор за мала сума на приходи, вели Јовановиќ.

По една едноставна пресметка можеме да заклучиме дека со одложување на ратите за шест месеци и пресметување камата за тоа, банките може да заработат до 137,5 милиони евра. Оваа пресметка се однесува доколку сите корисници на кредити одлучат да ја искористат оваа мерка и да ги одложат кредитите за шест месеци. 

ПОВЕЌЕ ВО ФОКУС

Поврзани вести

Back to top button