Спасовски: Ветингот во МВР ќе ги одвои чесните припадници од оние кои ја рушат довербата на МВР за свои лични интереси
Ветингот во МВР ќе биде транспарентен, ќе направи селекција и ќе ги одвои чесните припадници од мала група луѓе кои ја рушат довербата на МВР за свои лични, бизнис, интереси, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто за МИА. Некои од припадниците на МВР имаат имот кој може да се спореди со имот на успешни бизнисмени. Работната група до први октомври ќе достави план и критериуми по кои се спроведува процесот. Тој негира дека процесот ќе се користи за политичка пресметка со неистомисленици. Мора да се изгради систем со кој ќе се штитат интересите на државата и граѓаните, да се стави крај на напредувањата во кариерата со неоформено образование, злоупотреби на овластувањата за лични интереси.
За случајот „Рекет”, Спасовски вели дека интензивно се работи по наредби на Јавното обвинителство за организиран криминал за целосно расчистување на случајот. – Тоа е многу важно за државата, истакнува Спасовски, уверувајќи дека случајот ќе се расчисти докрај, а инволвираните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
За Агенцијата за национална безбедност, Спасовски истакнува дека таа ќе биде модерна, ефикасна, ефективна служба, која ќе го штити уставниот поредок на државата.
Неодамна се одржа првиот состанок на работната група која треба да креира рамка за отпочнување на процесот на ветинг во МВР. Дали отпочнавте со утврдување на конкретниот модел за спроведување на процесот, го подготвивте ли предлог планот и што ќе опфати?
– Ние како Министерство за внатрешни работи после формирањето на Владата веднаш врз основа на Планот за реформските приоритети започнавме низа реформски процеси во рамки на МВР се со цел да се изгради, да се зајакне тој систем, да ги зголемиме капацитетите, да ја вратиме довербата кај граѓаните што беше нарушена за ова Министерство и на тој начин да се подобрува и безбедносната состојба.
Знаете дека спроведовме реформа во делот на системот за следење комуникации, ја завршивме реформата во делот на безбедносните служби, веќе од 1 септември функционира новата Агенција за национална безбедност надвор од МВР, а еден од најважните, би рекол, клучни процеси е проверката на сите вработени во МВР.