Груевски и ВМРО-ДПМНЕ го амнестираа, СДСМ и Заев ќе го направат министер
Откако Ибрахим Дехари од ДУИ ја одби понудата за министер за привлекување на странски инвестиции, за оваа функција премиерот Зоран Заев доби друг предлог од владиниот партнер Али Ахмети. Се работи за Хисен Џемаили, кој потврди дека ја прифатил понудата.
Џемаили денеска работи како асистент-професор по географија на Тетовскиот универзитет. Претходно беше советник во Општина Тетово, а во мандатот од 2008 до 2011 беше пратеник. Тој е еден од основачите на Демократската унија за интеграција.
Ќе остане запаметен и како обвинет во еден од четирите Хашки предмети и како еден од пратениците на кој му беше одземен имунитетот. Како активен учесник во ОНА во конфликтот од 2001 година, беше обвинет за Хашкиот предмет „Малтретирани градежни работници од Маврово“. Тогаш по Џемаили беше распишана потерница бидејќи два месеца не се појавуваше ниту во Собранието ниту во суд.
Според некои информации тој учествувал и во масакарот на Вејце.
Полициската белешка, насловена како „сознанија за грозоморното убиство крај селото Вејце, Тетовско“, била заведена под број 470/13.11.2001, а ја објавува некогашниот весник „Време“. Според полициската белешка, како што наведува „Време“, масакрот го раководеле Шинаси Исмаили или попознат како командант Хоџа, Иљас Цека – Ќори, и Билал Цека – Брада, тројцата од Косово. Иљаз Цела бил задолжен со два милиона германски марки да ги исплати странските војници-платеници од западните земји, муџахедини и доброволци од земјава. Билал Цека, пак, бил припадник на Косовската разузнавачка служба и еден од главните организатори на снабдување на ОВК со оружје. Од „домашните“ учесници во акцијата, покрај Хазби Лика, биле наведени и Иса Лика – Илир, Раим Сами – Зогу, Изаир Сами – Шурли, Асим Бајрами – Пуча, Енвер Рифати – Џаџи, Исак Абдурамани, Муарем Велиу, Екрем Вејсели, Фадил Османи, Љуљзим Ислами, Ибрахим Емини, Џават Џемаили, Башким Рустеми – Кими, Хајри Османи, Хисен Џемаили, Абаз Емини и Рамадан Емини. Повеќето од нив се од Тетовско, а неколкумина од селото Вејце. Се спомнува исто така Г’зим Острени, кои во телевизиско интервју изјавувал дека ја огранизирал заседата кај Вејце. Неколку години по 2001 година е уапсен неговиот телохранител, за кој што се шпекулираше дека поседувал пиштол кој припаѓал на еден од војниците загинати кај Вејце.
Дел од извршителите биле добро обучени како поранешни припадници на ОВК од Косово. Тие неколку дена пред нападот се подготвувале и вршеле обука во логорот во Косово кој се наоѓал во непосредна близина со границата со Македонија. Диверзантско-терористичката група имала конкретно задача да ја ликвидира живата сила од патролата и да ги уништи возилата и воената техника. Тие, во содејство со група терористи од Тетовско, ја организирале заседата и го извршиле терористичкиот напад врз патролата на македонските безбедносни сили, за што имале широка поддршка и од месното население. По нападот некои од нив се засолниле во селата Вејце, Бродец и Бозовце, а некои се повлекле во Косово, при што го минирале патот по кој се повлекувале, пишувало во службената белешка на МВР, наведува тогашниот весник „Време“.
На 19 јули 2011 година Собранието со 63 гласа „за“ и 29 „против“ го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија.
Според толкувањето, амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани со конфликтот, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка.
Додека траеше расправата, пред Собранието чекаа роднините на исчезнатите од Непроштено, но не им беше дозволено да влезат внатре.
Случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.
Пред обвинителството се најде само случајот „Мавровски работници“, но во септември 2009 година Кривичниот суд ги ослободи сите обвинети за малтретирањето на мавровските работници од конфликтот во 2001 година, откако Обвинителството се откажа од гонење.
СДСМ тогаш како опозициска партија обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат со политички инструмент да ги избришат злосторствата и да ги наградат злосторниците. Истите тие кои тогаш од СДСМ ги нарекуваа злосторници стануваат дел од владата раководена од СДСМ и тоа на најодговорни позиции.