Ружин, Сокол и Стефани советници на Заев
Од почетокот на годинава Александар Ружин му стана дипломатски советник на премиерот. Во владиниот одговор пишува дека секој месец тој зема 50,000 денари за да дава совети за „економска, социјална и културна соработка со државите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург) и Франција“.
Александар Ружин има 36 години. Тој е член на Либералдемократската партија (ЛДП), исто како и неговиот татко Нано Ружин кој порано ја вршеше функцијата амбасадор во НАТО. Роден е во Париз во 1983 година. Во тоа време неговиот татко студира во француската метропола. Поседува приватна фирма за продажба на автомобилски гуми и бандажи – „Бенелукс Тунинг“ .
Политичките амбиции на Ружин стануваат повидливи по антивладините протести кои почнуваат во 2015 година. Тој често се фотографира на митинзи на тогашната опозиција со високи функционери на СДСМ. ЛДП е дел од опозициското движење, често гледана како привезок на СДСМ. Тој и неговото семејство можат да се видат на фотографии со лидерот на СДСМ Зоран Заев и, почесто, со неговата сопруга Зорица.
Севкупно, професионалниот бекграунд во сферата на меѓународните односи на Ружин помладиот е кусо речено – скромна. До скоро, тој беше почесто присутен во вестите од естрадата, а поголема популарност стекна како момче на хрватската поп ѕвезда Антонија Шола. „Александар Ружин, македонскиот џет-сетер е сингл“, во ваков контекст до скоро се известуваше за синот на дипломатот. На неговите профили на социјалните мрежи често споделува фотографии од скапи автомобили и патувања, но и од луксузни вечерни излегувања. Пред околу две години тој се проба и како блогер. Заедно со неговата тогашна девојка Елена почнаа да продуцираат лајф-стајл видеа со пораки за љубов и среќа.
Целиот текст може да го прочитате ТУКА
Велешанката Стефани Арсовска и скопјанецот Филип Андов наречен Сокол се дел од долгата листа советници на претседателот на Владата Зоран Заев кои за својот ангажман добиваат по 30 илјади денари месечно, објави Истражувачката репортерска лабораторија ИРЛ Македонија.
Арсовска во 2015 годинa ги завршува своите студии на приватниот универзитет ФОН. Пишува колумни за партизацијата, за владеењето на правото, за системот на заслуги во онлајн порталот „Бриф“. Како родена во раните девеесетти, Арсовска сака да зборува гласно и за неправдите врз младите без партиска книшка кои не можат да најдат работа, меѓу нив и нејзини пријатели.
Во 2015 почнуваат нејзините ангажмани во СДСМ кога ја посетува и праксата за млади. Taa магистрира на Универзитетот ФОН на политички науки од областа на надворешната политика и дипломатија. Арсовска по дипломирањето и магистрирањето на ФОН унверзитетот кусо му била и демонстратор на професорот Нано Ружин на предметот „Историја на цивилизации“.Неговиот син Александар Ружин и Стефани Арсовска во ист ден добиваат договори со владата за да го советуваат премиерот.
Филип Андов наречен Сокол им е познат на многумина во Скопје од вечерните излегувања и дневните кафе-пиења по скопските кафулиња. Чест гостин е во ресторанот „Дион“ на скопскиот кеј каде што во викендите се забавува на забавна и турбо фолк музика. Таму излегуваат многу видни сегашни и поранешни функционери, лица од естрадата, но и контроверзни бизнисмени и членови на подземјето. На пример, братот на премиерот Зоран Заев, Вице, правеше новогодишен прием за политичари, бизнисмени и новинари токму во „Дион“.
ВМРО-ДПМНЕ неодамна обвини дека за Андов постојат и кривични пријави за насилство кои стојат во фиока. Неговиот брат е полицаец, а негови добри пријатели се градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски и директорот на зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.