Давид Лазароски, млад научник и осумкратен првак: Прв во науката, заборавен од државата
Давид Лазароски е матурант во средното техничко училиште “Ристе Ристески – Ричко” од Прилеп. Навидум едноставно и скромно момче, но во него се крие вистински Ајнштајн. Тој е осумкратен државен првак во областа на роботиката, програмирањето и вештачката интелигенција. Неговите иновативни проекти имаат практична примена во секојдневниот живот. Последниот награден проект- интелигентниот интерфејс е наменет за лицата со инвалидитет. Инвалидската количка може да ја контролираат со помош на своите очи, пишува Faktor.mk.
“Нивните екстремитети не се во можност да ја движат количката па затоа имам изработено наочари на кои имам поставено камера која го следи движењето на окото и соодветно дејствува т.е ја придвижува количката. На пример, ако лицето со инвалидитет погледне со окото во лево, количката се придвижува во лево, ако лицето гледа на десно количката се прдвижува на десно, а ако лицето гледа право тогаш количата се движи право. Со овој проект го освоив првото државно место во областа- примена на софтвер. Учествував на голем број натпревари меѓу кои и државните и меѓународните, а станав повторно државен првак во областа на вештачката интелигенција токму со проектот ,,Интелигентен интерфејс”. Моите успеси на ова поле започнаа пред 8 години кога за прв пат учествував на државните натпревари по роботика и го освоив првото државно место”- раскажува Давид.
За остварување на сонот и вложување во науката се потребни пари. А, нив како што вели Давид ги нема доволно. Неговото скромно семејство се бори нивните три деца да не заостануваат во своите проекти и да бидат дел од секое натпреварување. Но тоа чини пари. Досега неколку пати вели конкурирал за стипендија, но во образложението му било речено дека е одбиен поради непотполна докумантација. Од општината пак му рекле дека стипендираат само спортиски.
“Сметам дека сум заслужил со тоа што од петто одделение па до четвртта година средно имам континуиран успех од 5.00 и имам освоено голем број на награди и признанија,да добијам стипендија. Не потекнувам од финансиски моќно семејство, па да немам потреба да аплицирам на конкурсите за стипендија, затоа што тие средства кога би ги имал би ми биле од голема корист лично мене како ученик. Активно ги следам конкурсите кои ги објавува Министерството за образование за стипендии. Аплицирам еве веќе четврти пати и четири пати бев одбиен. Наводно за некомплетна документација, неконтинуиран успех и сл. Секогаш беа разни причините за нивното одбивање и после поднесените приговори од моја страна јас се откажав и се повлеков околу тоа дека јас ќе земам стипендија од државата во која живеам. Аплицирав и за стипендија во мојата општина, бидејќи доделуваше еднократни стипендии за учениците кои имаат освоено награди на државните натпревари, но откако аплицирав бев исто така одбиен со тоа што ми дадоа одговор дека општината доделувала стипендии само за спортисти, а за учениците како мене научници, програмери, физичари, математичари, биолози, хемичари, не ни следува стипендија затоа што не го исполнуваме условот дека сме спортисти. Па зар е можно една држава да биде и финансиски и индустриски моќна само со спортистите? Секако и тие се заслужни во својата облст но треба државата да се грижи и за спортистите но и за нас учениците кои вложуваме во образованието”-вели младиот научник.
Давид секогаш бил прв во натпреварите по Народна техника, општинските и државните натпреварувања. Но големи заслуги и награди понел и надвор. Најголем предизвик за него бил меѓународниот натпревар ,,Robomac,” на кој го освоил првото место во категоријата на ,,Robot Humanoid”, сценографија дефинирана со различни движења и гимнастички чекори кои го воодушевиле стручното жири и публиката. Оттогаш вели успесите се нижат.
“Имам учествувано и на голем број меѓународни саеми како што се фестивалот на наука во Белград, македонскиот саем Макинова/технома, имам учествувано и на меѓународен натпревар организиран од страна на Volvo фабриката од Шведска на кој се здобивме со доста високо признание за најдобра идеја од страна на технологијата во Р.М”- додава Давид.
Вели на образовниот систем, особено во делот на техничките науки му недостасуваат современи методи кои ќе бидат во чекор со развојот на науката и технологијата.
“Мое мислење е дека во стручните училишта бидејќи и јас сум дел од едно стручно училиште, предметите кои ги изучуваме се на старомоден и застарен начин дефинирани, па ние учениците учиме според таквите застарени методи, а технологијата оди се понапред и понапред. Учиме материјал кој се предавал пред 10 и повеќе години. Реално и во училиштата немаме баш доволно опрема со која ние учениците би можеле да реализираме разни проекти и идеи, па мораме да купуваме соодветни делови уреди и апарати за кои главно трошокот е на грбот од моите родители.Ако некој би ме прашал мене како ученик што јас лично би предложил и би сакал да го имам за да можам да вложувам доволно во науката, мислам дека пред се ми треба финансиска поддршка за да можам да купувам соодветни елементи со кои ги реализирам моите идеи. Како пример би ја зел Словенија. Образованието на студентите таму е базирано на тоа што три дена имаат предавања и теорија, а 2 дена платена пракса. Праксата е толку висока да може секој студент да си плати сместување во градот каде што учи, да ги задоволи сите свои потреби и воедно најбитно од се е тоа што факултетот е бесплатен, а кај нас во нашата држава факултетот се плаќа”- вели Давид.
Интерес за информатика и роботика пројавил уште од раното детство. По неговите стапки одат и неговите двајца браќа, кои се осмоодделенци но веќе нижат награди.
“Уште од моето рано детство јавував интерес по разните играчки кои се движат како што се коли, управувани со далечински управувач и тн, но главно најголем интерес јавив откако моите родители ми го купија мојот прв комјутер. Потоа почнав да истражувам што е тоа робот, што е програмирање. Главно идеите ги црпев од интернет, од гледање на разни научни емисии и читање на многу научни списанија, но денес поголем дел од проектите кои ги правам главно сум инспириран од секојдневното мое опкружување и проблемите со кои се соочувам јас и сите луѓе . Имам помали братчиња близнаци кои веќе петта година ги следат моите стапки кои ги реализирам во областа на науката и технологијата. Начинот на кој тие пристапија кон технологијата е сличен како мојот, но се разбира тука бев јас за да ги воведам и насочам во областите кои тие како осмооделенци ги владеат,програмирањето, роботиката и автоматиката. На 14 години се три пати државни прваци на натпреварите организирани од Народна техника”- објаснува Давид.
Следен проект за кој се подготвува е “интелигентен паркинг” со сателитска комуникација и андроид апликација која ќе може да најде примена кај современите паркинзи, проект кој како што вели ќе може да биде и практично применет и реализиран во неговиот роден Прилеп. Дополнително се подготвува за упис на некој од техничките науки. Сака да верува дека работите во земјава конечно ќе се сменат и ќе се направат вистински, а не само декларативни заложби за вложување во младите потенцијали и научници. Нив ги има многу, но како што вели од државата зависи дали ќе ги мотивира, задржи и искористи.
Р.Ф. за ФАКТОР.МК