Овој милионер не ги заборави луѓето од селото од кое потекнува
Сјунг Шуејхуа стигнал далеку во животот, но во ниту еден момент не заборавил на луѓето кои му помогнале на почетокот на неговото патување до успехот.
Милионерот со големо срце решил да го сруши маалото во кое пораснал и на негово место изградил луксузни домови во кои ги сместил луѓето кои биле покрај него додека растел.
Освен што ги заменил калливите селски патишта со асфалтирани улици и дрвените бараки со модерни згради, тој дури им ветил и три топли оброци дневно на постарите лица и на семејствата со ниски примања.
Благодарение на успешната работа прво во градежништвото, а потоа во трговијата со челик, 54-годишниот Кинез заработил многу повеќе отколку што можел да потроши, па решил да им се оддолжи на луѓето од селото Сјунгкенг во кое пораснал за нивната добрина кон него и кон неговото семејство.
„Секогаш си ги исплаќам долговите и сакав да им се оддолжам на луѓето кои ми помогнаа мене кога бев помлад и на моето семејство“ – рекол Шуејхуа.
Како резултат на великодушноста на Шуејхуа, 72 семејства живеат во нови луксузни домови, а 18 од нив, кои биле особено љубезни кон бизнисменот и неговото семејство, добиле свои вили во проект од речиси 4 милиони фунти.
Среќните жители без двоумење изјавуваат дека Сјунг ја наследил добродушноста од своите родители.