Партиско-здравствена книшка
Некако се наредија темите за колективитетот, една по една, во три колумни. Се наредија така што размислувањата за односот меѓу колективитетот и поединецот покажаа дека драстично нарушениот однос меѓу овие две нешта (во полза на колективитетот) сигнализираат: од корен се згрешени морално-воспитните принципи во нашето општество. Секоја политичка промена е само површинско решавање на проблемот, сè додека некоја политичка гарнитура не реши да ја уништи погубната формула „јас ќе успеам само ако успее мојот колективитет“. И додека не ја замени со онаа што гарантира процут и на науката, уметноста, бизнисот, економијата: „Мојот колективитет ќе успее само ако успеам јас како личност со свои способности“. Време е значи, политиката да се позанимава со моралот и со воспитанието, со ПЕРСОНАЛИЗМОТ. Сè друго ќе биде – исполнување команди однадвор и исполнување формални услови за да се каже дека статистички сме демократска и успешна земја.
Кога пред некоја година одевме на задолжителен систематски преглед преку „работната организација“ (еве уште еден симпатичен остаток од социјалистичкиот систем што се грижеше за здравјето на своите „работници“), ретко кој од нас можеше да си ја најде здравствената книшка. Имаше дури и полукомични ситуации – некои беа дошле на прегледот со зелените книшки (оние во формат на тетратка), иако веќе во оптек беа електронските, оние што личат на картички за банкомат. Но, затоа меѓу нас имаше многу со партиски книшки, и тоа во џебовите и паричниците. Како да е тоа нешто што е потребно секој ден, како мастер-кард. Како и да е, нè прегледаа. Ме збуни тоа што ги поминавме сите прегледи (крв, урина, вид, слух), ама не отидовме на психијатар. Односно, барем на психолог. Кога на времето полагавме возачки испит, задолжително беше и одењето на психолог. Не знам како е денес, ама не ми е логично за оние што возат автомобил да се бара мислење на психолог, а за оние што водат деца (педагози) – не. А не верувам и дека се бара такво мислење за секој што се кандидира на некоја функција, за да води народ.
Како и да е, здравствените книшки полека излегоа од мода. Делумно, затоа што здравството се приватизира, па добар дел од населението веќе не користи „државна“ здравствена заштита. Но затоа, во мода влезе партиската книшка. Таа, на некој начин ја презеде функцијата и на здравствената книшка. Можеби е подобро сепак да се користи множина, па да се зборува за партиски книшки, а не за книшка, затоа што има повеќе видови партиски книшки, иако сите имаат иста функција. Може слободно да се каже: сите оние што денес имаат партиски книшки, на некој начин се и здравствено заштитени. Се разбира, болестите не избираат според партиска припадност, ама условите да се биде здрав (здравјето со пари не се купува, ама со пари се чува!) во голема мера зависат од партиската книшка.
Прво, некако се подразбира дека оној што има партиска книшка, со самото тоа што ја стекнал, докажал дека е, барем во ментална смисла – здрав. И дека се грижи за своето ментално и нервно здравје, зашто да се нема денес партиска книшка, значи сериозно да се ризикува здравјето. Посебно се на удар – нервите. Човек без партиска книшка денес е како дете без родители, препуштено само на себе. Не само што нема да има никакви привилегии, туку нема да може да го добие и она што законски му припаѓа. Ние сме познати како општество во кое стана обичај да се фаќаат врски и за она што ти следува; порано, врски се фаќаа ако бараш нешто што не ти следува. Во таа смисла, ние сме некое чудно, предлогичко, архаично-домородечко општество што се базира на ДОБРА ВОЛЈА: ќе го добиете она што законски ви следува ако го ОДОБРОВОЛИТЕ оној што го води вашиот „предмет“. Порано, тоа одоброволување се вршеше со кафе и со „бајадера“; сега има пософистицирани начини за тоа, меѓу кои едно од најраширените средства е митото. Но, нема човек што нема да се одоброволи ако му покажете партиска книшка; ако уште во мобилниот телефон имате број од некој висок функционер, одоброволувањето на тој што го води вашиот „предмет“ ќе биде комплетно, придружено со силна желба и за другарување со вас, па нема да биде чудо ако по некое време и тој ви побара некоја услуга, кога веќе имате доста богат список на телефонски броеви во мобилниот. Така што партиската книшка функционира и како оперативен нотес на важни телефонски броеви во државава.
Една важна предност на партиската книшка пред здравствената е и тоа што таа – нема меморија. Во здравствената книшка стојат податоци за вашите болести; во партиската книшка нема никаква историја на болеста. Ни трага ни глас за тоа дали претходно сте биле здрав или болен, дали сте психопат или не, а да не зборуваме дали сте доаѓале во судир со законот. Дури и во обичната „возачка книшка“ (каде што ви се бележат негативни поени за сите сторени сообраќајни прекршоци) стојат податоци за вашиот однос кон законите, ама во партиската – не. Партиската книшка е ТАБУЛА РАСА, во која поединецот, кога ќе победи „неговиот“ колектив, може да си ги запише, како на празен чек, своите очекувања за наградата што следува по победата на колективот. Од „шефот“ зависи дали ќе го потпише така исполнетиот бланко-чек, и дали желбите на поединецот ќе се остварат. А кога колективот ќе падне од власт, книшката молчи за сè што му овозможила како привилегија на нејзиниот корисник. Молчи дури и за она што не му го овозможила, ама тогаш корисникот почнува јавно да зборува, со разочарување, дека неговата книшка е меѓу најстарите, ама ете – не му донела никаква бенефиција.
Па дури, некои од разочараните, ја кинат или палат кутрата партиска книшка, во налет на бес.
Тоа не можело да му се случи на чичко ми Димитрија Андоновски (покоен, бог да го прости), кој со гордост ја покажуваше ВРАТЕНАТА партиска книшка од Сојузот на комунистите, што му била привремено одземена додека две години робијал на Голи Оток, поради „добронамерни“ пријатели што го сместиле таму за малку да се превоспита. Е тој Димитрија, да може да стане денес и да види каков е односот кон партиската книшка, вторпат би умрел. И не би посакал никогаш повеќе да оживее. За него одземањето на партиската книшка беше чин на срам, затоа што партиската книшка тогаш била идеал, а не пристап до тендер и процент. А враќањето на партиската книшка, за него беше исправање неправда, победа на правдата и прашање на вратена чест. Јас не знам за случај денес некој да биде „исклучен од партија“ поради неморално поведение. А и ако некој „добие клоца“, добива шлагворт да брбори за тоа дека партијата е недемократска, а притоа воопшто да не каже ниту збор за своето срамно поведение со кое го осрамотил и колективот. Ако воопшто некој чувствува срам поради нешто во ова наше општествено ќумевче.
Како и да е, крајно време е партиските книшки, ако веќе и натаму се издаваат, да станат здравствени книшки. Да се впише во нив кој е ментално здрав, а кој не е. Така ќе дојде до поврзување на здравјето и политиката, што треба да биде највисок приоритет на денешново време. Без тоа нема да се тргне во морална реформа, со која ве малтретирав, еве веќе три колумни. И не давам збор дека од следната колумна нема да продолжам. Додека некое уво од општеството не ме чуе.
Венко Андоновски за Нова Македонија