Избор на уредникотМакедонијаРелигија

АРХИМАНДРИТ ЈОАНИКИЈ од с. Ракотинци

Пронајдена автобиографија на Преподобниот Јоаникиј Ракотински

01.jpg

3/16 септември 2016 лето Господово
Во светите на земјата и во избраните, во нив е сета моја радост!Откако нашиот Господ Исус Христос дошол на земјата и ја основал Својата света заедница – Црквата, Божествената светост расцветала по целиот свет, до каде што продрела радосната вест за спасението. Христијанската светост се раскрилила во најразлични примери: најпрво, Пресветата Богородица, Св. Јован Претеча и Крстител, светите Апостоли, светителите, мачениците, исповедниците, преподобните, праведните… Светиите се најблескав украс на Црквата Христова и нивните житија ги напојуваат срцата на верните со рајска сладост. Тие се толку прекрасни и возвишени, што лесно ја привлекуваат кон себе христољубивата душа, радувајќи ја со „неискажлива и прославена радост“ (1. Петар 1,8). И не само што ја радуваат, туку Светиите на некој таинствен, благодатен начин им се приближуваат, им се откриваат на оние што ги љубат и се трудат да ги подражаваат нивните животи.

Едно такво чудесно откровение се случи и со Преподобниот отец наш Архимандрит Јоаникиј, смирениот подвижник и чудотворец од с. Ракотинци, Скопско. Веќе долго време се говори за овој новојавен Светија од нашата Татковина и од нашиот христољубив род: многумина се интересирале за неговиот свет живот, се потрудиле да пронајдат нешто повеќе за него, собрале драгоцени податоци, запишале, оставиле за поука на многумина… Меѓутоа, кога се исполни времето за неговото прославување и од земната Црква, Преподобниот самиот откри нешто драгоцено за него.

Имено, кога нашиот богољубив Архиепископ, Неговото Блаженство, г. г. Стефан, му го возложи послушанието на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, да ги собере потребните податоци и да состави житие за ракотинскиот подвижник, овој веднаш се зафати со таа душеполезна работа. Така, во текот на неколкугодишното истражување за животот на Божјиот угодник, се најдоа солидни податоци, се собраа сите претходни трудови и истражувања за него, се разговараше со постари личности кои лично го паметат Преподобниот, се запишаа повеќе чуда што ги направил за време на животот, но и чуда што се случија во поново време од неговите свети мошти… Меѓутоа најголемото откритие се случи неодамна, кога тројца наши собраќа, испратени со благослов од Старецот, во селскиот храм на Успението на Пресвета Богородица во с. Ракотинци, каде што до 1986 година лежело нераспаднато телото на о. Јоаникиј, заедно со претставници од црковниот одбор во селото, пронајдоа лично негова автобиографија! Иако многумина претходно ја посетувале оваа црква и истражувале за него, едноставно, како самиот Светија да сакал токму сега да го обелодени својот живот.

Ова скапоцено писание е, всушност, личен ракопис од о. Јоаникиј. Toa може лесно да се воочи од споредбата со останати документи од негова рака пишувани (дневници на касата, деловодници, инвентарни книги, познатиот негов лекарственик), како и од тоа што уште на првата страница, после неколкуте основни фактографски известија пишувани во 3 л. еднина, во продолжение текстот е пишуван во јас-форма. Автобиографијата содржи 11 пишани страници, вклучувајќи ја и насловната, со формат 21х34 см. Текстот е пишуван на лош српски јазик и е најверојатно составен како одговор на едно барање од 1930 г. од тогашното српско црковно управителство во Скопје, што се потврдува и од еден запис за примени и испратени писма од деловодната книга што ја водел о. Јоаникиј. Според тоа барање сите свештенослужители од скопскиот округ биле должни да направат своја, како и биографија на знаменити личности од нивните парохии. Притоа, согласно тогашниот тирански и хегемонистички режим, од црковниот клир се барало безусловна послушност и верност кон државните и црковните власти и „будно чување на светото српство“, па така нашето домородно духовенство морало да трпи уште едно ропство, можеби подеднакво страшно како и турското.

На насловната страница од Автобиографијата пишува:

Биографија на Јоаникиј Ѓорѓевич, Игумен и Старешина на Манастирот „Св. Илија“, кај селото Ракотинци, ср(ез) Скопски;

а завршува со зборовите:

Но, Севишниот Бог, Кој ја храни и чува Црквата на камен, Он со Неговата семоќна рака ме сочува и мене, грешниот, до денес. Нему нека Му е слава и пофалба, сега и секогаш, и во веки веков. Амин!

02.jpg

Текстот е напишан во с. Ракотинци на 6/19 март 1930 година, а о. Јоаникиј се ословил како: Смирениот и грешен Старешина на Ракотинскиот Манастир.

Автобиографијата содржи драгоцени податоци за животниот пат на Преподобниот Јоаникиј, кои ќе го надополнат неговото житие, но и ќе исправат некои заблуди и грешки. Така, на пример, досега се веруваше дека о. Јоаникиј се упокоил на 101 година, што би значело дека бил роден во 1839 година, бидејќи со сигурност се знае дека се упокоил во 1940 година. Годината 1839 е вржана и на мермерниот крст, поставен во осумдесеттите години на минатиот век. Меѓутоа, Преподобниот јасно си кажува во својата автобиографија дека е роден на 7/20 јануари 1847 година, во Охрид, „од Православни родители Ѓорѓи и Софија“. Понатаму, биографијата изобилува со фактографски податоци за неговиот живот, но содржи, исто така, и детални описи за страданијата што ги претрпувал од турските власти и од локални турски и арнаутски одметници, кои во неколку наврати сакале да го убијат.

Податоците од автобиографијата ќе влезат и во Житието на Преподобниот Јоаникиј, чиешто составување е веќе во тек. Истовремено со Житието, во тек е и пишувањето на неговото богослужбено последование, од познатиот химнограф на Великата Христова Црква во Константинопол, јеромонахот Атанасиј Симонопетриски.

Прославувањето на Преподобниот Јоаникиј Ракотински и неговото впишување во Диптихот на Светиите е предвидено за следната година.

Извор: Бигорски манастир

 (Архива)

 

АРХИМАНДРИТ ЈОАНИКИЈ
(1839-1940)

Селото Ракотинци се наоѓа во југозападниот дел на Скопската котлина на територијата на општина Сопиште, оддалечена 7 километри од Скопје. Селото е ридско, на надморска височина од 480м. Атарот на селото зафаќа 9,7 км². Селото е средно по големина. Во 1961 година броело 541, а во 1994 година 576 жители.
Во село Ракотинци има основно училиште, разни услужни дејности, мошне стара црква посветена на “Успение на Пресвета Богородица” (за која не се знае во кој период е изградена) и манастирот св. Илија, сместен во југозападниот дел од селото, во кој се наоѓа гробот на отец Јоаникиј. Разговорот е воден на неколку места во селото на 27 јуни 2003г. Соговорници: Трпевски Спасе, роден 1955; Трајковски Боне, роден 1906; Јовески Ванчо, роден 1919.

Архимандрит Јоаникиј е роден 1839 година во пределите на Егејска Македонија, од каде по зборовите на нашите сведоци пристигнал во село Ракотинци, во своите млади години (носејќи со себе едно мало дете).
На прашањето за физичкиот изглед и однесување на отец Јоаникиј добивме интересни одговори од двајца соговорници.
Така на пример Спасо Трпев вели: “Човек со низок раст, мирен, воопшто не бил агресивен, со блага душа… ги прифаќал луѓето било за лошо, било за арно… ќе ги смири”.
Дедо Ванчо го опишува како: “полн на лице, кус, со прцел (реп)”.
Селаните велат дека дошол од некој грчки манастир, купил големо парче земја (20 декари), каде го издигнал манастирот со конаци, кои селаните ги нарекуваа “згради”, што укажува на нивната големина. Некои дури овој манастир го споредуваа со Марковиот манастир во големината, градбата и фрескописот.
Единствен пристап до манастирот имало со дрвен мост, што  сведочи за неговата убава местоположба крај реката.
Отец Јоаникиј според зборовите на селаните “бил многу образован и способен човек”, покрај манастирот тој зад себе оставил и многу други дела и градби…
Како најголем изум за тогашните селани, непознат и многу уникатен, била единствената селска воденица управувана од еден коњ.
Со ова тој многу допринел за егзистенцијата не само на манастирскиот комплекс, но и на целото село. Покрај коњот, имало “два ѕевгара” волови, а се чувала и друга стока.
Отец Јоаникиј не живеел сам. Во манастирот покрај малото детенце со кое пристигнал, имало уште и тројца монаси, а и еден селанец, Трајче Јанкоски со неговото семејство, му прислужувал до крајот на животот како манастирски момок.
Интересен е податокот за отварањето на училиште во рамките на манастирскиот комплекс, што ни кажува за сестраната едукација на отец Јоаникиј  и неговиот духовен и интелектуален ангажман.
Самиот пишувал книги, кои сî уште не се отпечатени и се разнесени на различни места. Некои од нив се чуваат во Богословскиот Факултет во Скопје (на пример една Лекаруша, зборник со практични совети од природната медицина во која отец Јоаникиј ги забележал своите искуства и сознанија од оваа област), а дел ги земал некој свештеник.
Во училиштето, учениците ги изучувале буквите, значи ги воведувал и поучувал во правилата на елементарната писменост.
Селаните со радост си припомнуваат за големите празници: “Причесна за Велигден ни даваше… Ќе постевме, мрсно не јадевме… “Постот е пола здравје” – вели дедо Боне. Тој напомнува дека на празникот св.Илија се собирал многу народ, доаѓале луѓе и од околните села на манастирската слава.
Го викале дедо аџија Јованикиј, со голема почит му се обраќале, крај него убаво се чувствувале… “прво него, па и манастирот го поштуеле” – вели Ванчо Јовески.
Богослужби имало секоја недела. Отец Јоаникиј служел и во двете цркви, и во св.Илија и во св.Богородица, во селото.
“Тој си правеше Закон во Црквата, секоја недела редовно”, а потоа “во матерницата почастује со кафе”.
Селаните го викале за секој настан, во зло и добро, а тој на тие средби ги хранел со духовна храна. Така на пример го викале на ручек, најчесто кога ги стрижеле овците; ќе благослови па ќе започне: – “Луѓе слушајте ваму, каков век иде, што пишува во Евангелието? Најпрво ќе исушат бресјата, ќе загинат водите, ќе има војни, поштујте празниците, немојте да го кодошите  комшилукот”.
Лесно може да ја согледаме неговата миротворна функција со која по образот на Спасителот и тој носел мир меѓу луѓето околу себе. “Помагаше во сé. Во негово присуство не сме се карале, сме се сакале. Он во најлошото го чувал народот, бил сé.”
Велат во турско го чувал селото. Уште еден интересен податок е тоа дека и турците доаѓале кај него да се советуваат.
На нашето прашање: “На каков друг начин му помагаше на народот?” Спасе Трпевски вели: “бил прозорлив, ќе им рече на селаните луѓе ќе врне, не одете на жетва утре”- и навистина ќе заврнело.
Зборувал и за манастирот, дека по неговата смрт постои опасност да падне. Тоа и  навистина се случило, по сеќавањата на Спасе (околу 1948) “манастирот има паднато од подземни води”.
На местото на старата црква изградена е нова, која се разликува од првата по нејзината големина и изглед (помала е и личи на соба).
Се чини дека за прифаќањето на “аџијата” од страна на селаните најмногу допринела неговата способност за лекување. Тој им помагал во болести не само на селаните, но и на стоката. Бил единствениот лекар во селото и нему му се обраќале во секоја мака. Највпечатлив е податокот дека лечел со молитва: “аџијата ќе му прочита и ќе го излечи”. “Беше многу добар човек”, вели дедо Боне – најстариот жител во селото, кој се сеќава на него (1906).
Пред да се упокои, на местото каде пребивал, започнал сам да си ја прави гробницата, а на молбата од страна на селаните да му помогнат во копањето тој возвраќал со зборовите: “Таа е лично за мене, сам ќе си ја направам”.
Погребан бил во манастирот, но со неговото паѓање заради лизгањето на земјштето, пренесен е во црквата св.Богородица. Како што велат селаните 10 години бил оставен на милост и немилост, но благоразумноста, почитта и љубовта кон отец Јоаникиј од страна на селаните допрва доаѓа до израз.
Согледувајќи ги временските неприлики на кои било изложено нераспадливото тело на о.Јоаникиј, како и потребата тоа да се наоѓа на вистинското место, селаните под водство на Црковниот одбор, апелирале до Архиепископијата телото да се врати во манастирот (каде било претходно).
Нивната молба е услишена. На опелото присуствувале поголем број свештеници (околу десетина), а тоа е извршено од страна на Архиепископот Михаил.
Од исказите на интервјуираните селани некои информации не се совпаѓаат, но тоа е сосема разбирливо пред сî поради малиот број возрасни сведоци кои веќе забраздуваат во својата длабока старост и чии сеќавања полека бледнеат пред немилоста на времето. Но овој податок треба да нî мотивира кон позабрзано и подлабоко понирање во истражувањето, со надеж за доаѓање до подрагоцени податоци, со кои ќе се комплетира мозаикот од ликот на отец Јоаникиј.
Едно е сигурно, дека секој од нив, дури и помладите кои само слушале за отец Јоаникиј, со огромна љубов и почит зборуваат за неговото дело.
Се прашувам, зарем не беа бесмислени напати поставените прашања од типот: “постевте ли?”, “одевте ли во Црква на Литургија?”, – за луѓе што живееле здрав духовен живот под раководство на таква света душа?
Сево ова јасно ни дава до знаење дека духот на времето во кое живеел отец Јоаникиј е сочуван, а љубовта со која топло, татковски го прегрнал овој пастир своето стадо, сé уште пулсира во срцето на народот, пренесувајќи се и преумножувајќи се во срцата на новите поколенија од село Ракотинци и преизобилно исполнувајќи го срцето на сите оние кои со искреност пристапуваат во овој благословен предел, каде чиниш злото не допира, под заштитничка молитвена закрила на отец Јоаникиј.

Извор: Премин

Поврзани вести

Back to top button