МакедонијаРелигија

Денеска се слави Светиот свештеномаченик Артемон – Погубен поради верата Христова

Светиот свештеномаченик Артемон

Беше свештеник во Лаодикија во времето на царот Диоклецијан. За себе пред судијата мачител рече: „Се викам Артемон, роб на Христа мојот Бог; шеснаесет години бев чтец и читав книги во Црквата на мојот Бог; дваесет и осум години бев ѓакон и го читав Светото Евангелие; триесет и три години наполнив како презвитер поучувајќи ги луѓето на патот кон спасението со помош на Христос“. Судијата го воведе во храмот на Ескулап, каде што жреците негуваа големи змии посветени на тој „бог“. Сите мислеа дека змиите ќе го каснат Артемон. Но тој се прекрсти и со силата на крстот ги прикова оние змии на земја така што не можеа да мрднат. Сите ги опфати жуас. Главниот жрец на храмот, Виталиј, штом го виде ова чудо падна на колена пред Артемон и возвикна: „Голем е христијанскиот Бог!“ Него, а и неколкумина пријатели со него, Свети Артемон ги крсти. Но злочестивиот судија остана упорен и го мачеше старецот Артемон со разни маки. Еднаш сакаше да го фрли во врела смола, но самиот се оттргна од коњот и падна во неа. Па изгоре. При ова беа видени два орли како паднаа врз него, го оттргнаа од коњот и го фрлија во смолата. Свети Артемон остана слободен и извесно време одеше наоколу со двата верни елени што го придружуваа и го поучуваше народот. Но повторно го фатија и го убија во 303 година. Неговата душа се пресели во царството на Господ Христос, Кому Артемон Му послужи верно на земјата.

Светиот маченик Крискент

Од градот Мир Ликиски. Чесен и славен граѓанин. Јавно ја исповеда својата вера во Христа и ги исмеа мртвите идоли. За ова незнабожците го мачеа и го изгореа во оган.

Светата маченичка Томаида

Родена е во Александрија од чесни родители, научена на благочестие од малечка и во нејзината петнаесетта година венчана со чесен маж. Но нејзиниот свекор беше скверен старец и во отсуство на синот ја нападна својата снаа и сакаше да ја обесчести. Томаида се исплаши и во стравот го опоменуваше свекорот за законот Божји и се истргнуваше од неговите раце. После долга борба свекорот извади нож и ја закла снаата, па ја расече на две половини. Во тој миг го постигна ваква казна од Бога: веднаш ослепе и не можеше да ја најде вратата за да излезе оттаму, туку го затекнаа во таа одаја и го предадоа на суд којшто го осуди на смрт. Света Томаида пострада чувајќи ја заповедта за сопружничката верност и чистота. Подоцна многумина кои ги измачуваше блудната страст ѝ вознесуваа молитви на Света Томаида и од неа добиваа крепка помош. Големиот подвижник Данило нејзините мошти ги пренесе во Скитот и таму ги положи на гробиштата на свештеномонасите. Света Томаида пострада во 476 година.

Поврзани вести

Back to top button