Велигден – Денот кога животот ја победува смртта
Речиси две илјади години нашиот народ го слави Христовото Воскресение. Денот кога воскреснал нашиот спасител, мудриот народ го нарекол Велигден.
Народот знаел тогаш, а знае и денес дека нема поголем ден од оној кога правдата ја победува силата, љубовта ја победува омразата, а духовното го победува материјалното. Животот ја победува смртта. Нешто што се случило пред повеќе од две илјади години, се празнува со истата радост како да било само пред извесен момент. Необјаснливо според човечките и овоземски закони, но сосема јасно според небесните и божји правила. Бидејќи онаму каде што постои Бог, не постои ни простор ни време, постои само љубовта, а онаму каде што постои љубовта не постојат никави ограничувања.
Нашите полни храмови за време на Велигденските празнувања уште еднаш ќе го потврдат тоа, уште еднаш ќе биде потврдено делото на нашиот Спасител.
Што всушност се случило на тој ден. Според Светото Писмо откако слугите на првосвештениците израилски го предале Исус Христос, на тогашниот Римски управител на Јудеја, Понтиј Пилат, тој му пресудил да биде распнат на крст. Исус бил распнат на крст на Велики петок, за да воскресне три дена после тоа. – За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени мироносици појдоа со миризливи масла на гробот за да го помазаат телото, кое не го најдоа.
Во тој момент земјата се затресе, затоа што Божји ангел слета од небото, го тргна каменот од гробот, и седна на него. Неговото лице блескаше како молња, е неговите облеки беа бели како снег. Кога тоа го видоа стражарите, тие затреперија од страв. Веста ја прими прва Марија Магдалeна и побрза да им јави на апостолите и тие не ѝ поверуваа. Апостолите Петар и Јован се стрчаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал, се вели во преданието за Христовото воскресение.
Светиот Апостол за Христовото воскресение ќе каже „Ако Христос не воскресна, празна е нашата проповед, празна е и вашата вера”. „Сè е изгубено, сè е пропаднато, ако Христос не воскресна“ – вели св Јован Златоуст. Беше распнат и воскресна поради љубовта кон нас луѓето.
Но и покрaј тоа ние секојдневно го распнуваме со нашите гревови. Секојдневно ги удираме шајките во неговите раце и нозе, секојдневно му го ставаме трновиот венец на главата. Но Бог на земјата дојде да ги спаси грешните, а гревот постои откако е човекот на земјата и ќе постои се додека биде на земјата. Знаeјќи го ова, Бог на човештвото му дарил покајание, преку кое секој еден човек може да биде спасен. Секој чекор на патот на духовниот живот на христијанинот не е ништо друго, туку покајнички подвиг на срцето што ги согледува своите гревови, вели еден наш отец. Но нема вистинско покајние доколку нема вистинска љубов кон Бога и ближниот.
– Бог страдаше и воскресна поради својата безмерна љубов кон човекот. И бидејќи Божјото вплотување и воскреснување е осмислено единствено со љубовта, така и делото на спасението на човекот е невозможно љубовта. Тој подвиг Бог постојано го очекува и од нас, бидејќи „љубовта е исполнување на Законот”, се вели во Библијата.
Секој ден е божји ден, но Православните знаат дека Велигден е најрадосниот од сите божји денови, бидејќи на тој ден најмногу се чуствува љубовта на Бога кон човештвото. Да ја возвратиме таа љубов и да се покаеме за нашите грeвови, само на тој начин вистински ќе го празнуваме овој свет ден.
Милан Милиќевиќ