Религија

Денеска е Тодорова Сабота- Празник на приврзаноста кон велигденскиот пост

Православните верници денеска го слават пазникот Тодорова Сабота – Празник на приврзаноста кон велигденскиот пост. Именден празнуваат: Тодор, Тодорка, Божидар (доаѓа од Тео-Бог и дар).

Јавувањето на св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.

Споменот на светиот великомаченик Теодор Тирон се празнува на 2 март/17 февруари. Но, кај нашиот народ попознат е другиот празник поврзан со овој светител, а тоа е Тодорова сабота (Тодорица), подвижен празник, што се празнува во првата сабота од Велигденскиот пост.

Педесет годни по смртта на свети Тодор во Цариград владеел царот Јулијан Отстапник. Така бил наречен поради тоа што во младоста бил христијанин, а подоцна кога станал цар се откажал од христијанството и со сите средства ги прогонувал христијаните Таа година сакајќи на некој начин да им напакости на христијаните, а знаејќи колку им значи Велигденскиот пост, особено првата недела по која некои се причестуваат, царот наредил сета храна што се продавала по пазарите да се попрска со крв од жртвите принесувани на идолите. Но тогаш на цариградскиот патријарх не во сонот, туку на јаве, му се јавил свети Теодор Тирон и му рекол да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите зашто таа ќе биде испоганета со крв. Наместо тоа цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил, христијаните цела недела јаделе жито и така останале неосквернети. Во спомен на овој настан првата сабота од Велигденските пости е наречена Тодорова сабота, тогаш се оди во црквата и се носи жито.

Според едно предание од Гевгелиско, свети Тодор бил војник во царевата војска и кога дознал за намерата на еврејскиот цар да го укине христијанскиот пост трчал со коњот од место во место за да ги храбри христијаните да издржат зашто, како што претпоставувал, Евреите до првата сабота морале да попуштат. Тоа негово предвидување се покажало точно поради што црквата го прогласила за светец.

Во спомен на овој подвиг на Теодор Тирон се празнува Тодорова сабота празник во народот познат како Тодорица. Овој празник спаѓа во оние празници што немаат постојан датум туку зависат од Велигден. Секогаш се паѓа во саботата по Прочка, што значи првата сабота по овој празник, односно на крајот од првата недела од големите Велигденски пости.

Светите апостоли Архип, Филимон и Апфија

Архип беше еден од Седумдесеттемина. Апостол Павле го спомнува во Посланието до Колосјаните и во Посланието до Филимон, нарекувајќи го другар во војувањето. Во градот Колоси центар на христијанството беше куќата на Филимон. Овде христијаните се собираа на молитва. Ова го нарекуваше Св. Павле пишувајќи му на Филимон: „твојата домашна црква“. Во тоа време апостолите ги ракополагаа своите ученици за епископи, и тоа некои од нив на постојани места, а некои како патувачки мисионери по разни места. Филимон беше од овие последниве. Неговата жена Апфија постеше и ѝ служеше на домашната Црква. Во времето на еден празник на незнабожната божица Артемида сите верни во Колоси беа собрани во домот на Филимон на молитва. Незнабожците дознаа за ова собрание, навалија и ги испофаќаа христијаните. Филимон, Архип и Апфија како водачи прво ги избија, потоа ги закопаа до појас во земја и почнаа да ги каменуваат. Вака ги убија Филимон и Апфија, а Архип го извадоа од дупката одвај жив, за разонода на децата. Децата сиот го избодија со ножеви. Така овој Павлов другар во војувањето добро го заврши својот подвиг и патот на земниот живот и се престави кај Господ.

Преподобен Доситеј

Ученик на славниот авва Доротеј, којшто живееше во киновијата на Преподобните Серид, Јован и Варсонуфиј Велики. Доситеј беше роднина на еден војвода и во Ерусалим дојде да ги види Светите места. Еднаш додека гледаше во сликата на Страшниот Суд во една црква, му се приближи една жена во порфирен фустан и му објаснуваше. А најпосле, при разделбата му рече дека ако сака да се спаси треба да пости и често да Му се моли на Бога. Ова беше Пресвета Богородица. Срцето на младиот Доситеј се разгоре и посака монашки живот. Доротеј го прими за негов ученик и му нареди наполно да ја отсече сопствената волја и да го слуша својот духовен отец. Неколку дена му даваше да јаде колку што сака, по извесно време му скратуваше по една четвртина, по некое време уште по една, с ѐ дури не го навикна на најмало количество храна, постојано велејќи му: „Јадењето е навика и кој колку ќе навикне толку и јаде“. Свети Доситеј се спаси и се прослави преку послушанието. Остана засекогаш за пример на монашкото послушание и предаденост на својот духовен отец. Овој млад светител живееше во 6 век.

Поврзани вести

Back to top button