Свет

„Алија Изетбеговиќ и реисот Цериќ го организираа „Маркале“!“

На судењето на Ратко Младиќ, кој е обвинет за воени злосторства, заштитен сведок изјави дека смртоносниот напад врз пазарот Маркале во Сараево во 1994 година, бил извршен од страна на босанската армија, а не од страна на српските сили.

Заштитениот сведок ГРМ-116, кој пред Хашкиот трибунал во вторникот сведочеше во одбрана на Младиќ, рече дека нападот на пазарот, во кој во февруари 1994 година беа убиени 66 цивили, бил одобрен од страна на тогашниот босански претседател, Алија Изетбеговиќ.

Сведокот изјави дека, како припадник на специјалната единица „Бисери“, од 1992 до 1994 година, го обезбедувал претседателството на БиХ.

Додаде дека во тоа време можел да чуе што претседателот Изетбеговиќ и другите официјални претставници зборуваат на состаноците.

Според сведокот, главната цел на Изетбеговиќ била, да се осигура интервенција на Запад на страна на муслиманите, „со предизвикување на масовни страдања“ во Сараево и во Сребреница.

Нагласи дека Изетбеговиќ бил под силно влијание на поглаварот на Исламската заедница, Мустафа Цериќ. Според сведокот, Цериќ „брзо го убедил“ Изетбеговиќ дека „ова е правилно“ и дека „жртвите мора да се издржат“.

Говорејќи во врска со нападот на Маркале, ГРМ-116 изјави дека „идејата дошла од Цериќ, а ја спровеле генералите Сефер Халиловиќ и Мустафа Хајрулаховиќ наречен Талијан (Италјанец).

„Бев присутен кога Алија ова го одобри“, рече тој.

На следниот состанок, рече сведокот, Халиловиќ известил дека „првиот обид не успеал“, бидејќи „гранатата паднала на покрив во близина на Маркале“.

„Алија им рече: ’Обидете се повторно’. Тие заминаа и набргу слушнавме што се случи со Маркале“, рече ГРМ-116.

Изетбеговиќ, кој почина во 2003 година, по нападот изјави дека тоа бил „црн и страшен ден за граѓаните на Босна и Херцеговина“.

Младиќ, како командант на Генералштабот на Војската на Република Српска, ВРС, е обвинет за тероризирање на граѓаните на Сараево со кампања на гранатирање и снајперски напади.

Според обвинението, гранатата што на 5 февруари 1994 година уби 66 лица на пазарот Маркале, била исфрлена од позициите на босанските Срби.

Младиќ е обвинет и за геноцид извршен во Сребреница и во уште неколку други општини, за прогон на несрпското население и за земање на меѓународни војници како заложници.

Судењето продолжува во среда со вкрстено испрашување на заштитениот сведок.

Поврзани вести

Back to top button