Жалосно е во 21 век да се умира од болест за која има лек, болните од цистична фиброза протестираа пред владата
Со едноминутно молчење, свеќи и цвеќе пациентите со цистична фиброза и нивни блиски денеска во 14 часот се збогуваа од битолчанецот Благојче Илијевски, кој вчера почина како последица на болеста чекајќи го лекот „Трикафта“. Истовремено протестираа бидејќи веќе две години не можат да го набават лекот без кој животот им е во постојана опасност.
Ирена Василевсска, родител на дете со цистична фиброза и член на Асоцијацијата за цистична фиброза рече дека пациентите не можат повеќе да чекаат и дека лек треба да биде набавен за сите 60 пациенти.
– Дојдовме да го му оддадеме почит на нашиот соборец кој ја загуби битката со оваа болест. Жалосно е во 21 век да умираат пациенти од цистична фиброза. Нема веќе чекање, ни една минута овие пациенти не можат да чекаат. Ги замолувам сите надлежни да набават лек за сите 60 пациенти, рече Василевска.
Само некиолку часа пред денешниот протест, министерот за здравство Беким Сали објави дека се обезбедени се 140 милиони денари за лекот „Трикафта“ за 8 пациенти со цистична фиброза. Станува збор за буџетски средства наменети за Клиниката за детски болести, каде сумата од 563.504.040 денари се зголемува на 703.504.040 денари, односно за дополнителни 140 милиони денари, кажа Сали.
Нејасно е како овие средства кои се разбира не се доволни и не го решаваат проблемот не беа обезбедени вчера и со тоа би се спасил еден млад човечки живот, поточно животот на Благојче Илијевски, на кого дури и претседателот Стево Пендаровски му вети помош за да добие лек.
А уште по нејасно е зошто не беа обезбедени уште пред две години и со тоа сите овие луѓе би се спасиле од преголемата сага која ја преживуваат секојдневно. И дали е потребно секогаш да почине или настрада некој за државните институции да реагираат.
Жалосно е во 21 век да се умира од болест за која има лек велат од Асоцијацијата за цистична фиброза, во Македонија токму тоа се случи, а дали ќе има некоја одговорност поради тоа останува да видиме.
Во земјава има околу 130 пациенти со цистична фиброза (ЦФ) кои изминативе месеци молат и протестираат за државата да им го обезбеди современиот лек „трикафта“ со кој значително се подобрува животот.