МакедонијаРелигија

Запален затоа што не сакал да си ја промени верата – Свети Георгиј Кратовски

Пренос на моштите на свети Георгиј Кратовски

Запален затоа што си ја сакал верата

Свети Ѓорѓи Кратовски има силен култ не само во Кратовско туку и на многу поширок простор.

На 8 јуни по новиот односно на 26 мај по стариот календар Светата православна црква го празнува денот на пренесувањето на моштите на свети Ѓорѓи Кратовски. Овој важен лик од нашата историја и од нашата света црква по занает бил кујунџија и останал како заштитник на златарите и кујунџиите.
Житието вели дека свети Ѓорѓи Кратовски е роден во Кратово од родители Димитрија и Сара. По желба на родителите, по завршувањето на училиштето, пошол на кујунџиски занает кој во Кратово во тоа време бил популарен и поради рудниците. Набргу станал познат мајстор. Во тоа време турските власти собирале т.н. данок во крв, за пополнување на војската која напредувала кон Европа, правејќи војници-јаничари. За таа цел барале млади и способни деца. Знаејќи дека во Кратово нема да остане долго незабележан решил да замине во Софија, надевајќи се дека поголемиот град нуди повеќе можности да остане незабележан. Така преку Ќустендил, Радомир и Перник пристигнал во Софија. И тука поради способностите набргу се стекнал со углед и бил забележан и од Турците. Му биле понудени благодетите на царските власти под услов да ја смени верата и да го прифати исламот. Но Ѓорѓи Кратовски без размислување го одбил предлогот поради што бил ставен во затвор. Ја бранел верата Христова поради што бил мачен, а потоа и спален на 24/11 февруари 1515 година. На 8 јуни (нов стил) моштите на св. Ѓорѓи Кратовски биле пренесени во црквата и овој ден Светата православна црква го празнува како втор празник поврзан со името на овој светец.
На иконите, св. Ѓорѓи Кратовски е претставен како голобрадо момче во кошула со крст во десната рака и маслинова гранка во левата. Над ореолот има напис: „Свети Ѓорѓи кој настрада од Селим“. Неговиот лик бил насликан во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Патралица-кривопаланечко во манастирот „Студеница“ и др. места. Во црквата „Света Богородица“ во Скопје бил претставен со крст во десната и книга во левата рака. Од 17 век е сликан во национална носија. Култот на св. Ѓорѓи Кратовски од Македонија се проширил и во Србија, Бугарија и Русија.

Тропар

Свети маченик Георгиј Кратовски 

Од рана возраст со света желба на Господа си му се предал, со сета душа Христа Единиот си Го засакал, и Него, Кој е вистинскиот Бог во Троица почитуван, пред нечестивите Турци си Го проповедал. Со венец маченички си се украсил, славни, и кон небесните жители си се придружил, премудри Георгиј, моли Го Христа Бога да ја чува татковината твоја, и да ги спаси православните и градот, кои секогаш ги прославуваат твоите подвизи.

Светиот апостол Карп

Еден од Седумдесеттемина. Следбеник и придружник на Светиот апостол Павле, од кого беше поставен за епископ на Верија Тракиска. Но го проповедаше Евангелието и на Крит, каде што го прими во својот дом Св. Дионисиј Ареопагит. За него Свети Дионисиј сведочи дека бил човек украсен со чист ум, кротост и незлобливост и дека во визија му се јавил Самиот Господ Исус Христос со Своите ангели и никогаш не ја почнувал Светата Литургија ако немал претходно небесно видение. За името Христово претрпе многу напасти. Најпосле пострада од неверните Евреи коишто го убија, па се пресели со душата во Царството Божјо за вечно да се насладува гледајќи Го Господ во слава.

Светиот апостол Алфеј

Татко на двајца апостоли од Дванаесеттемина, на Јаков Алфеев и Матеј евангелистот. Мирно се упокои.

Преподобен Јован Психаит

Од светот се оддалечи рано во младоста и се повлече во Психаитската Лавра во Цариград. Таму заради љубовта Христова се подвизуваше многу години. Во 8 век претрпе прогонство поради иконопочитување.

Светиот новомаченик Александар Солунски

Овој Христов маченик беше роден во времето на големата турска тиранија над Солун. Како млад беше прелажан од Турците и потурчен. Во почетокот не го гризеше совеста за таа постапка и тој појде на Ќаба со останатите мухамедански аџии, па стана дервиш. Но како дервиш во Солун почна горчливо да се кае. При ова каење дојде на мисла дека со ништо не може да го симне од себе страшниот грев на христоотстапништво, освен со својата крв. Кога значи се покаја и се реши на мачеништво, излезе пред Турците како христијанин. Турците го фрлија в затвор и го подложија на долги маки. Но Александар постојано викаше: „Како христијанин се родив и како христијанин сакам да умрам!“ Најпосле Турците го осудија на смрт, на што покајаниот Александар многу се израдува, познавајќи од тоа дека гревовите му се простени и дека Бог ја прима неговата жртва. Беше заклан во Смирна во 1794 година и прославен во Црквата небесна и земна.

Поврзани вести

Back to top button