Македонија

Заев за Глигоров: Почит за великанот

Глигоров е несомнено еден од великаните на современата историја на Македонија и на вековниот стремеж на македонските граѓани за самостојност, порача претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, во Штип, на отворањето на Спомен соба на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

„Од НОБ и АСНОМ, чијшто учесник беше, па сѐ до неговите два мандати како претседател во најважните мигови за создавањето на самостојната македонска држава, претседателот Глигоров речиси половина век беше во врвот на нашата политика. Имаше важни и клучни улоги и се вгради во нашата историја како еден од носечките столбови, врз чии идеи и дејствување се создаваше нашата државност“, рече во своето обраќање премиерот Заев.

Тој посебно истакна дека претседателот Глигоров, неговата мудрост, огромното политичко искуство и неговиот интелект, беа од огромна предност и ѝ помогнаа на Македонија да излезе речиси недопрена од крвавиот распад на Југославија, и да стане меѓународно признаен ентитет.

„Под мирната рака и водство на Глигоров, успеавме да пребродиме блокади од соседите, санкции и војни во соседството, да се издигнеме и над внатрешните предизвици и поделби. Македонија, во тие први години на самостојноста, иако во исклучително тешки околности, го газеше цврсто и непоколебливо својот пат кон заедницата на независни држави“, рече премиерот Заев, и додаде:

„Две децении подоцна, по сите голготи низ кои поминавме, се наоѓаме пред самата цел на втората етапа, на самиот праг на остварување и заокружување на таа визија. Македонија – суверена и самостојна. Македонија на Запад – дел од НАТО и ЕУ. Македонија – просперитетна, земја која оди напред и отвора нови можности за нејзините граѓани“.

Според Заев, Глигоров би бил горд на овие наши постигнувања и среќен за просперитетната иднина и можности што се отвораат пред неговите сограѓани.

Поврзани вести

Back to top button