За првпат во Македонија се најдоа мажи да се спротистават на партиските вработувања, оставки во М-НАВ поради несоодветни вработувања
Еден од тројцата директори на македонска навигација (М-НАВ), Љубе Стаменковски и раководителите на одделот за информатички и надзорни технологии, на одделот за надзорни системи, на одделот за навигациски системи, на електро-енергетски системи и на одделението за воздухопловна техника Охрид, поднеле оставки од раководните функции, незадоволни од изборот на кадри кои се вработени во секторот за техника, објави Телма.
Оставките на дел од раководните лица уследиле откако пропаднала селекцијата на кандидати на огласот на М-НАВ за вработување инженери во Контролата на летање. Тие не ги решиле тестовите за селекција, оти не ги знаеле одговорите. Но и покрај тоа биле примени на работа, пренесува порталот СДК.
Според извори за Телма, кандидатите кои се примени на работа ги немале потребните квалификации, а од друга страна не го поминале тестирањето. Членовите на комисијата која требала да го спроведе тесирањето не сакале да учествуваат во ваквиот избор на кандидати и поднеле оставки, велат извори од државната компанија.
Извршниот директор Фахрудин Хамиди за Телма изјави дека законите не се прекршени и дека кандидатите се примени на работа според истите услови како и тие на претходните огласи.
Поради контроверзниот оглас минатата недела и контролорите на летање најавија штрајк, но се откажаа откако добија верување од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски дека конкурсот ќе биде регуларен.
М-НАВ се јави со реакција по повод изнесените информации дека еден од тројцата директори на државната компанија Контрола на летање и инженери на раководни инструкторски места си дале оставки поради несоодветни вработувања во компанијата.
Демантот на М-НАВ го пренесувме во целост:
„Согласно законот за работни односи и условите предвидени во систематизацијата се објавува оглас за инженери и техничари. Имено во систематизацијата на МНАВ за студент-инженер (приправник) пишува дека има диплома од електротехнички науки, 2 години работно искуство, лекарско уверение класа 4, познавање на англиски јазик (нивото на знаење не е наведено, што значи од А1-Б2). Интервју се спроведува доколку има двајца или повеќе кандидати кои ги исполнуваат условите за едно работно место. Во нашиот случај со инженери и техничари, имавме само по еден кандидат за сите 7 работни места. Важно е да се нагласи дека со договор овие услови се имплементирани во МНАВ пред 4 години, и за истото немаше негодување.
Примените кандидати двајца инженери и 1 техничар понатака ќе бидат на „он џоб“ тренинг за АТСЕП согласно програмата за обука која ќе трае една година. Безбедноста во ниту еден случај не е загрозена, со оглед дека истите нема да бидт вклучени во оперативно делување пред стекнување на соодветно овластување од стручните инструктори. Доколку не се стекнат со горенаведеното овластување согласно систематизицијата, истото потенцирано и во самиот оглас за вработување, ќе добијат отказ од работа.
Согласно извештајот од Комисијата за избор на пристигнати апликации со редовна документација се предложени до Управен одбор пет инженери и двајца техничари. Поради нуреден статус во Агенцијата за вработување, иако беа задоволени нашите критеруими, не беа процесирани за вработување тројца инженери и еден техничар. Примени на редовен работен однос на неопределено време се 2 инженери и 1 техничар.
И ве замолуваме, имајте во предвид дека инженерите и инструкторите кои негодуваат и праќаат допис за оставки до УО се контрадикторни со самосебеси затоа што истите се примени со редоден работен однос во МНАВ со истите законски критериуми како и најновите од вчера. Новите инженери имаат дополнителна клаузула дека може да им се откаже работниот однос, додека кај постоечките инженери тоа не им го пишуваше во огласот. Негодувањата се тенденциозни и немаат основа“, стои во соопштението.