За првпат парализирана жена може да зборува преку дигитален аватар (ВИДЕО)
Тешко парализирана жена, благодарение на вештачката интелигенција може да зборува преку дигитален аватар, со кој ѝ се преточуваат нејзините мозочни сигнали во говор и изрази на лицето, пренесува „Гардијан“. Напредокот во технологијата, во иднина би можеле да им го трансформира животот на луѓето, кои ја изгубиле способноста да зборуваат, поради состојби како што се мозочни удари и амиотрофична латерална склероза (АЛС).
Досега, пациентите мораа да се потпираат на фрустрирачки, бавни синтезатори на говор, кои вклучуваат пишување зборови со помош на следење на очите или мали движења на лицето, што го прави природниот разговор невозможен. Но, најновата технологија користи ситни електроди, вградени на површината на мозокот, за да се открие електричната активност во делот од мозокот, кој го контролира говорот и движењата на лицето.
Овие сигнали се преведуваат директно во говорот и изразите на лицето на дигиталниот аватар, вклучувајќи насмевка, намуртено лице или израз на изненадување.
– Нашата цел е да го вратиме целосниот, отелотворен начин на комуникација, што е навистина најприродниот начин за нас да разговараме со другите. Овие достигнувања нè доближуваат многу поблиску до тоа да го направиме вистинското решение за пациентите, изјавил професорот Едвард Чанг од Универзитетот во Калифорнија.
Пациентката, Ен, која има 47 години е сериозно парализирана, откако претрпела мозочен удар на мозочното стебло пред повеќе од 18 години.
Таа не можела да зборува или да пишува, а сега нормално комуницира со помош на технологија за следење на движењата, која ѝ овозможува полека да избира букви до 14 зборови во минута. Таа се надева дека технологијата на дигиталниот аватар може да ѝ овозможи да работи како советник во иднина.
Тимот научници вградил правоаголник од 253 електроди, тенок како хартија, на површината на мозокот на Ен, над регионот за говор. Електродите ги пресретнуваат мозочните сигнали, кои природно ги контролираат мускулите на јазикот, вилицата, гркланот и лицето.
По имплантацијата, Ен работела со тимот, за да го обучи алгоритмот за вештачка интелигенција на системот, за да ги открие нејзините уникатни мозочни сигнали за различни говорни звуци, со постојано повторување на различни фрази.
Компјутерот научил 39 карактеристични звуци, а се користеле јазичен модел во стилот на „Чат Џи-пи-ти“, за да ги преведе сигналите во разбирливи реченици. Ова потоа беше искористено за контролирање на дигитален аватар со глас, персонализиран да звучи како гласот на Ен пред нејзината повреда, врз основа на снимка од нејзиното зборување на нејзината свадба.
Технологијата не била совршена, погрешно декодирала зборови во 28 проценти од случаите во тест со повеќе од 500 фрази, а генерира мозок-текст со брзина од 78 зборови во минута, во споредба со 110-150 зборови што обично се изговараат во природен говор.
Сепак, научниците велат дека најновите достигнувања во прецизноста, брзината и софистицираноста сугерираат дека технологијата сега е во точка да биде практично корисна за пациентите.
Следен клучен чекор е да се создаде безжична верзија на оваа технологија, која би можела да биде вградена под черепот.
Во продолжение погледнете го видеото: