ЗА ПРВ ПАТ: Во Австрија повеќе оздравени од новозаразени, во Италија помалку од 700 починати во еден ден
За првпат по избувнувањето на епидемијата на Ковид-19 во Австрија е пријавен поголем број луѓе кои се излекувале од новозаразени.
Од петокот наутро до утрово во осум часот се пријавени 354 нови заразени, додека во истиот период, според Министерството за здравство, од вирусот биле излекувани 485 лица.
Вкупниот број на излекувани сега достигна 2.507, а вкупниот број на заразени, според податоци од попладнево, изнесува 11.713.
Во Италија, власти соопштија за нови 681 починати од коронавирусот во земјата во последните 24 часа.
За првпат во повеќе од една недела дневниот број на жртви е под 700.
Вкупниот број на починати од почетокот на епидемијата досега изнесува 15.362.
Вкупниот број на заразени, вклучувајќи ги и починатите и оздравените, изнесува 124.632. Од вчера има 2.886 нови случаи на зараза.
Во Италија досега се излекувани 20.996 луѓе.
За првпат од почетокот на епидемијата, во земјата има и пад во бројот на луѓето што се на интензивна нега. Денеска тој број изнесува 3.994 наспроти 4.068 вчера.
– Тоа е важна вест, затоа што им дозволува на нашите болници да земат здив. За првпат бројката паѓа од почетокот на итната состојба, изјави шефот на италијанската Цивилна заштита Анџело Борели.