Живот

За 2017 година најавено првото пресадување на човечка глава

Русин, кој страда од фатално заболување, ќе стане првиот човек во светот, чијашто глава треба да биде пресадена на друго тело, објави списанието „Њу Сајнтист”.

Компјутерскиот експерт Валери Спиридонов живее во историскиот град Владимир во источнa Русиja, приближно 120 километри источно од Москва. Тој вели дека е подготвен да му се довери на хирургот д-р Серџо Канаверо, со кого заедно ја планираат трансплантацијата веќе две години. 3а време на 36-часовната хируршка интервенција д-р Канаверо ќе ја отсече главата на Спиридонов и ќе се обиде да ја пресади на здраво тело.

– Моето решение е конечно, и немам намера да го променам, изјави 30-годишниот Русин, кој страда од Вердниг-Хофмановиот синдром – редок вид рбетно-мускулна атрофија, пишува весникот „Дејли меил”.

– Дали се плашам? Се разбира дека сум исплашен. Но, тоа не само што е многу страшно, туку е и много интересно, рече Спиридонов во интервјуто направено во неговиот дом.

Тој смета и дека нема избор. – Ако не ја искористам оваа можност, судбината ќе ми биде трагична. Секоја година состојбата се повеќе ми се влошува, изјави тој.

Италијанскиот доктор образложи за Си-Ен-Ен дека добива прашања од многу други лица засегнати околу ваквиот потфат за процедурата и слично. Неколкумина си ги понудиле своите тела. Но, првиот пациент ќе биде Спиридонов, зашто знае се за болеста, има прочитано се за пресадувањето и изборот го направи при чиста свест и сосема разумно, вели хирургот.

Канаверо додава и дека веќе се разработени сите неопходни техники за пресадување на целата глава. Тој целосно ќе го објасни протоколот за операцијата на светскиот собир на неврохирурзи во Анаполис, во американската сојузна држава Мериленд на 12 јуни.

За критичарите, од друга страна, овие планови се чиста фикција. Тие го изедначуваат д-р Канаверо со Франкенштајн, а тој возвраќа дека тој прекар не му пречи.

Трансплантацијата на главата на Спиридонов е планирана за 2017 година. Зафатот ќе трае 36 часа и ќе чини 7.500.000 долари. Ако САД, европските или земјите од поранешниот Советски Сојуз не му дозволат на хирургот да го изврши овој зафат, тој е решен тоа да го направи во Кина.

Поврзани вести

Види и...
Close
Back to top button