Србија побара Западен Балкан да биде изземен од забраната за увоз на руска нафта преку гасоводот Јанаф, но „тогаш нашите соседи се пофалија дека тие се заслужни што тоа не се случи“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, пристигнувајќи на самитот на Европската политичка заедница во Прага.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, во Прага изјави дека Хрватска сама се пофалила дека е одговорна за тоа што Западен Балкан не е изземен од санкциите на ЕУ за увоз на руска нафта, оценувајќи дека Загреб само си ја работи својата работа, што ја врши „од 1941 година“ па навака, пренесува N1.
Првичниот предлог на Европската комисија предвидуваше исклучок кога станува збор за снабдување од Јадранскиот гасовод, но на инсистирање на некои земји-членки на ЕУ тој предлог беше одбиен поради ставот дека нема оправдување Србија да биде изземена.
„Некои земји од ЕУ се ослободени, како Бугарија, Унгарија… Србија не е. Хрватска само си ја вршеше работата, што ја работи со децении“, рече Вучиќ пред почетокот на самитот во Прага, обвинувајќи ги хрватските медиуми за фабрикување на неговата изјава дека Загреб е виновен.
„Повторувам, Хрватска ја вршеше само својата работа, што ја работи од 1941 година. Сето она што го направи претходните 70, 80 години. Воопшто не обвинувам“, им рече Вучиќ на новинарите од Хрватска.
На прашањето зошто ја обвинува Хрватска кога Србија е таа која одбива да воведе санкции кон Руската Федерација за инвазијата на Украина, Вучиќ рече дека Загреб нема да ја води политиката на Белград.
„Политиката ќе ја водат граѓаните на Србија преку слободно избрани претставници и против сите оние кои мислат дека можат да и ја наметнат својата волја на Србија“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека е горд на фактот што Србија, како што рече, е слободарска земја која носи свои одлуки.
Тој рече и дека неговиот одговор на денешните средби со европските претставници во Прага ќе биде „учтива, одговорна, сериозна и далекусежна“ и ја отфрли можноста да дојде до прекин на преговорите за членство на Србија во ЕУ.