Вучиќ ги праша „западните партнери“: Кој од шесте документи за Косово сакате да го почитувате
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска објави видео во кое ја прашува меѓународната заедница „кој од шесте важни документи“ сакаат Србија да го почитува кога станува збор за Косово. Тој ги наведе Кумановскиот договор, Повелбата на ОН, резолуцијата 1244, Бриселскиот договор, Вашингтонскиот договор, како и Солунскиот документ за проширување на ЕУ кон Западен Балкан.
– Почитувани граѓани, веќе знаете дека ги замолив нашите западни партнери да ми кажат кој од петте важни документи сакаат да го почитуваат, наведе Вучиќ на Инстаграм.
Вучиќ рече дека покрај Договорот од Куманово, Повелбата на ОН, Резолуцијата 1244, Бриселскиот и Вашингтонскиот договор, дојдовме и до шестиот, многу важен документ од 2003 година, познатиот Солунски документ за проширување на ЕУ на Западен Балкан.
– Токму во светло на поднесувањето на апликациите на таканареченото Косово за членство во ЕУ, моето прашање е дали ќе ги почитуваат документите што самите ги донеле, дури и историски од Солун, бидејќи во точка 5 се вели дека целосно ги поддржуваат спроведувањето на Резолуцијата 1244, посочи Вучиќ.
Истото прашање го постави Вучиќ за време на неговото обраќање викендов, по поставувањето на барикадите на северот на Косово.