Вработени во „Национални шуми“ заедно со трето лице сечеле и краделе дрва од приватни имоти
Двајца вработени во „Национални шуми“ му овозможиле на трето лице да изврши сеча, дотур и превоз на дрвна маса од парцели во приватна сопственост. Против тројцата се поднесени кривични пријави.
– Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово, до Основното јавно обвинителство Кочани поднесе кривична пријава против Љ.С.(61) од Берово, Т.Ч.(49) од с.Мачево, беровско и В.Џ.(39) од с.Русиново, беровско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување службена исправа“ и „кражба“, информираат од МВР.
Како што информираат од МВР во периодот од јули 2021 година до октомври 2022 година, прво и второпријавениот, вработени во ЈП „Национални шуми“ – подружница „Малешево“ – Берово, му овозможиле на третопријавениот да изврши сеча, дотур и превоз на дрвна маса од парцели во приватна сопственост, со што се стекнал со вкупна материјална корист од 3.306 446 денари.