Во селските хостели во Гостиварско гостите редовно остануваат подолго од планираното
Во селските хостели во Гостиварско, се случува феномен: гостите честопати остануваат подолго од планираниот датум. Ни изгледаше неверојатно, па решивме самите да провериме, пишува Новинската агенција Мета.
Денот е петок, за некого почеток на викенд, а за некого почеток на најзафатен период од седмицата. Ние одиме воресторанот„Тивко катче“, чија традиција датира повеќе од половина век. Откако ја поминавме реката Вардар, од лева страна на улицата, на нејзиниот десен брег, ја здогледуваме фирмата „Тивко катче“… Десетина метри подолу, ете куќа со сите нишани на традиционалните куќи од овој крај.
Иако горните катови се реновираат, приземјето е веќе ресторан украсен со разни традиционални реликти уникатни за Гостивар. Тука е и оригиналната носија на баба и на Билјана, која го води бизнисот, наследен од татко и, од кого ги учела готварските вештини типични за овој крај. Традиционалните јадења што се служат во „Тивко катче“ не може да остават рамнодушен ниту еден љубител на добрата храна, правејќи им проблем на тие што сакаат да пробат сè.
Билјана не беше сама. Беа дојдени неколкумина нејзини пријатели, сите на некој начин поврзани со угостителскиот и туристичкиот сектор.
Гоце и Жаклина Матески се професионални пчелари од селото Зубовце, кои во иднина планираат да се вклучат активно во делот на промовирање на туризмот преку пакетот за практично и активно промовирање на процесот на одгледување на пчели за сите заинтересирани. Подготвени се во иднина и да присособат соби за ноќевање на заинтересираните.
На другиот дел од масата, Виктор Лазаревски раскажува за перипетиите што ги има со неговиот „Вертикал хостел“ во мавровското село Никифорово. Со капацитет од 22 лица, обезбедувајќи место за кампирање, тој раскажува дека во неговото сместувалиште уште до 2015 година ниту еден гостин кој резервирал за една ноќ не отишол наредниот ден, туку ја пролонгирал посетата барем и за еден ден.
– Ова се должи на новите пријателства што се создаваат во хостелот, честопати и во големите соби има и по осум гости, коишто не се познавале порано меѓу себе – раскажува Виктор.
Дел од групата на пријатели на Билјана беше и Владимир Ѓорѓиоски којшто го води планинарскиот дом „Царевец“ во Маврово. Почнувајќи од нула, Владимир, како и Виктор, го оставиле градот за да живеат во село и да нудат алтернативен туризам за сите што се изморени од морето. Тој заедно со девојка му посетува курс за интернационален водич за планински туризам, со цел да научи како да нудат што попрофесионална услуга на клиентите.
Билјана на шега дофрлува дека често им пречат на двајцата другари во хостелите во екот на сезоната. Но, тие како од пушка враќаат дека тоа е во нивна корист, оти категоријата туристи што одат кај нив, обожаваат вакви собиранки.
На крај, ни се придружуват и сопствениците на Ски Хут, Димитар и Косима, која што ја има оставено Германија за убавините на Маврово. Тие веќе се целосно навлезени во користење на ИТ технологијата за привлекување на туристите. Сепак, еден од главните проблеми им е како да ги занимават туристите, за нивниот престој да се пролонгира од сегашните во просек два дена, на повеќе денови.
Затоа и нив ги заинтригира и заинтересира идејата за креирање заеднички продукти на членовите на мрежата во рамките на Проектот за зајакнување на иновативен туризам – СТЕП, кој е финанциран од Европската Унија, а спроведен од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, заедно со Центарот за регионален развој на Полог и Советот на округот Елбасан во Албанија.
Целта на проектот е да се промовира енергичен туристички сектор кој ефикасно се прилагодува на потребите на домашните и меѓународните пазари и придонесува за забрзување на порастот и стимулирање на отворањето нови работни места во прекуграничната туристичка зона помеѓу Македонија и Албанија, во подрачјето на Гостивар и Елбасан.
Општината Гостивар ќе обезбеди информации, експертиза и искуство, како и ќе ги поттикне малите и средни претпријатија и сите заинтересирани страни активно да дадат придонес кон реализирање на целите на проектот.
Проектот е финансиран од Програмата за меѓугранична соработка на Европската Унија (ИПА 2).
извор: meta.mk