Во саборниот храм “Св. Димитрија“ во Битола хиротонисан епископот Велички, г. Никола
На денешната неделна Божествена Литургија, во величествениот храм на Светиот Великомаченик Димитриј Мироточив Солунски во Битола, во присуство на Архиепископот и на архиереи од МПЦ-ОА, на повеќе свештенослужители и на верен народ, беше извршен свештениот чинот на хиротонија на новиот архиереј на нашата света Црква, досегашниот игумен на Манастирот на Свети Николај Чудотворец во Мариово г. Никола.Новиот епископ ја понесе титулата Велички и е вброен како викар на Преспанско-пелагониската епархија.На Светата Архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Високопреосвештените Митрополити: Преспанско-пелагониски г. Петар, Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Повардарски г. Агатангел, Крушевско-демирхисарски г. Јован, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. Григориј, поранешен Кумановско-осоговски г. Јосиф и Преосвештените епископи: Дељадровско-илинденски г. Јоаким, Делчевско-каменички г. Марко, Хераклејски г. Климент и Стобиски г. Јаков, и многубројно свештенство од нашата Света Македонска Православна Црква, беше извршена Хиротонија на Сепреподобниот архимандрит Никола (Трајковски) во епископски чин.Овој свечен чин се изврши откако Светиот Архиерејски Синод, на својата седница одржана на 26 декември 2023 година, го избра архимандритот г. Никола (Трајковски) за викарен архијереј на Преспанско-пелагониската епархија.