Во Германија секој ден се нападнати по десетина бегалци
Во просек секој ден во Германија десетина баратели на азил се жртви на физички напади, објави Министерството за внатрешни работи, јавуваат германските медиуми. Според извештајот кој што Министерството го објави како одговор на пратеничко прашање, лани во Германија се случиле околу 3.600 напади врз бегалци, пренесува дописникот на МИА од Берлин.
Од нив, 2.545 биле напади на индивидуалци, а уште 1000 групни напади се случиле врз центри за сместување на бегалци. Во нападите се повредени вкупно 560 луѓе меѓу кои и 43 деца.
Бројот на нападите врз бегалци значително пораснал во последниве две години, од почетокот на бегалската криза којашто во Германија во 2015 донесе околу 900 илјади, а во 2016 година околу 280 илјади бегалци. Најчести сторители на нападите, од кои само мал број се целосно расчистени преку судска разврска, се припадници или симпатизери на крајно десничарски и неонацистички органзации чиј број според германските безбедносни служби постојано се зголемува.