Македонија

Во Албанија од Заев побарана слобода за албанските политички затвореници во Северна Македонија

На денешниот самит на Западен Балкан во Тирана, на кој учествуваат премиерот Заев, неговиот албански колега, Еди Рама, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, македонскиот премиер бил предупреден дека може да се случат протести на Албанците во земјата, пренесува агенцијата „Танјуг“.

Група претставници на Албанците по потекло од Северна Македонија го пресретнале Заев и го предупредиле дека Албанците би можеле да организираат протести во земјата доколку не бидат исполнети нивните барања.

Тие побарале од Заев да ги ослободи, како што рекле, сите албански политички затвореници во земјата потсетувајќи го премиерот дека ветил оти ќе го стори тоа пред да дојде на власт.

Порачале дека вооружената акција „Диво Насеље“ во Куманово е монтиран политички случај и дека убиството на петтемина млади Македонци кај Смилковското Езеро е случај поради кој во затвор се невини Албанци.

Како што пренесува „Танјуг“, тие се разделиле со прашањето „дали треба да организираме протести?“, на што Заев одговорил „не мора, сè ќе биде добро“.

Поврзани вести

Back to top button