Влада Урошевиќ: Македонскиот јазик го демнат две извонредно големи опасности, социјалните медиуми се расадници на неписменоста (ВИДЕО)
Влада Урошевиќ (1934, Скопје) е авторот којшто ја одбележа и сѐ уште ја одбележува македонската книжевност. Автор на два века, на огромно поетско, прозно и преведувачко творештво, со еден куп нијанси во него: стихови, раскази, есеи, романи, преводи и препеви, критики, научноистражувачки трудови.
Во интервју за Рес публика, кое го реализира Татјана Б. Ефтимоска, професорка по македонски јазик и книжевна аналитичарка, негова некогашна студентка која го памети уште од предавањата по Увод во книжевност на Филолошкиот факултет како вистински маг на зборот, Урошевиќ зборува за иднината на македонскиот јазик и опасносните кои го демнат.
На нејзиното прашање, „Зошто е македонскиот јазик „спорен“ за нашите соседи кои, од друга страна, пак, редовно ги преведуваат нашите писатели, особено современите? Еве, ние со целиот словенски свет, не само со Бугарите, го делиме и Свети Климент, најголемиот просветител на македонското поднебје. Сепак, зошто е толку тешко и макотрпно да се најде заеднички јазик меѓу македонскиот и бугарскиот јазик?“, Урошевиќ одговори:
– Македoнскиот и бугарскиот јазик спаѓаат во една подгрупа на јазици, на европските јазици и нормално е, и поради географската близина, дека тие помеѓу себе имаат и значајни сличности. Пред сѐ, на морфолошки план. Добро, ај да ги спомнам: отсуството на инфинитивот, отсуството на деклинацијата и присуството на членот. Тоа се работи кои нѐ поврзуваат во извесна смисла со бугарскиот јазик, кој, во малку различна форма, ги има истите овие одлики. Но лексички, македонскиот и бугарскиот се доста оддалечени затоа што тие минувале низ различни историски околности и помеѓу нив, постои една, како да речам, една различна сличност, вели тој.
На следното прашање, „Каква е иднината на македонскиот јазик и на македонската книжевност во олку комплексен контекст?“, Влада одговори:
Читањето, само по себе, е едно осаменичко задоволство, „неказнив грев“, како што се изрази еден писател и можеби не одговара понекогаш на менталитетот на модерните времиња. Знаете, можеби има некој судир помеѓу навиката на читање и навиките што го следат живеењето на младата генерација. Има тука нешто што не се совпаѓа. Но што се однесува до иднината на македонскиот јазик, јас мислам дека македонскиот јазик стои во иднина пред големи искушенија. Пред него стојат барем две извонредно големи опасности кои го демнат. Првата е агресивната експанзија на англискиот јазик, тој, би рекол, глобален империјализам кој завладува со светот. Не сум пуританец во тој поглед, знам дека секој јазик кој се развива мора да прима извесен број странски зборови, но мислам дека ние примивме премногу, и тоа е веќе навистина еден сериозен проблем. Друга опасност се овие електронските средства за комуникација со кои ние, еве, се служиме во овој миг. Јас не се служам многу со овие нови средства, но понекогаш погледнувам за да бидам во тек и можам да ви кажам дека она што го гледам на сите тие фејсбуци, мејлови итн., дека тоа се расадници на неписменоста. Повторувам, расадници на неписменоста. Ужасно е нивото на познавањето на македонскиот јазик кое го покажуваат корисниците на овие средства, вели големиот Влада Урошевиќ.
Целото интервју прочитајте го ТУКА.